Премиера на Шекспировата „Многу врева за ништо“ во режија на Дејан Пројковски

Од:

Шекспировата „Многу врева за ништо“ во режија на Дејан Пројковски и во продукција на „Театар Комедија“ ќе биде изведена премиерно во понеделник од 21 часот кај Паркот на езерата во општина Аеродром, за затворање и во чест на наградените на меѓународниот фестивал „Гола месечина“.

Според режисерот Пројковски, претставата се занимава со театарот и животот, со сонот и јавето, па во одредени моменти актерите се ликовите на Шекспир, а во други моменти се луѓе кои во гримјорната ја носат својата приказна и тежина. Посочи дека претставата се поигрува со жанрови и со стилови, како што рече: театарска илузија со големи актерски трансформации.

– „Многу врева за ништо“ зборува за љубовта, за љубовните бури на младите луѓе во борбата да се пронајде и да се случи вистинската љубов. Има момент во претставата кога влегуваме многу реско во трагедијата за потоа на крајот сами да ја растуриме, да ја иронизираме, да влеземе преку една гротеска. Но интересното е тоа што постојано се игра на различен начин. Линијата се држи меѓу двата жанра, и меѓу театарот и животот. Некогаш се обидуваме да ги споиме, па гледачот треба сам да оцени што точно е вистината или театарот. „Театар Комедија“ направи одлична актерска екипа. За еден актер да биде комплетен треба прекрасно да игра, да зборува стихови, да пее, да свири и танцува. Тие се прават во претставата и неа би ја дефинирал како театарска магија, изјави Пројковски.

Во „Многу врева за ништо“ играат актерите: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Роберт Ристов, Едмонд Сотир, Крсте Јовановски, Ердоан Максут, Зорица Нушева, Нина Деан, Драгана Левенска и Ева Скендеровска. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, композитор Горан Трајковски, а кореограф Елена Прокопева.

Фестивалот „Гола месечина“, кој го организираат „Театар Комедија“ и Општина Аеродром со поддршка на Министерството за култура, се одржува од 21 јуни, кога почна со „Хамлет во пикантен сос“ во продукција на „Театар Комедија“.

Во трка за награди се: „Сомнително лице“ на МНТ, „Без паника“ на Битолски театар, „Подземна комедија“ на театарот „Антон Панов“-Струмица, и „Солунски патрдии“ на Драмскиот театар, и две гостински претстави – „Хамлет во Долна Мрдуша“ на Народно позориште од Тузла и „Пукна срам“ на белградска приватна продукција.

Директорката на „Театар Комедија“ Јелена Жугиќ е задоволна од посетеноста на фестивалот, и покрај тоа што во исто време се пренесуваат фудбалските натпревари од СП во Бразил.

– На отворањето на 21 јуни имавме две илјади и секоја вечер е така. Од вчера и полиција имаме на терен зашто луѓето ги туркаат вратите за да се пробијат, а не може да ги пуштиме да стојат. Како за прва година одѕивот е одличен и е мотив и искуство за догодина, малку со повеќе ред и со подобра логистика. Се надевам секоја година и со поголем буџет, зашто тоа значи и подобар квалитет, особено за претставите што ги носиме од надвор, а тоа е скапо, рече Жугиќ.

Би можело да ве интересира

Со доделување на наградата за високо актерско достигнување завршува ФКТ „Ристо Шишков“

Предраг Петровиќ

„Галеб“ од Чехов премиерно во битолскиот театар

Предраг Петровиќ

Тетовски актери наградени за најдобра машка и најдобра женска улога на затворањето на „Фестивалот на фестивалите“ во Требиње

Откажан перформансот „Во моите чевли”, во Сули ан перформанс на Михаил Парушев

Премиера на претставата „Океанија“ покрај струшкото крајбрежје

Во Прилеп завршува МТФ „Војдан Чернодрински“