Во пресрет на Први мај, Левичарското движење Солидарност, со поддршка од Фондацијата „Роза Луксембург“, ја организира премиерата на претставата „Маркс во Сохо“ од Хауард Зин, во Менада бар, вечерва со почеток во 22 часот. Режијата е на Александра Кардалевска, играат: Игор Ангелов, Соња Стамболџиоска, Благој Веселинов. Костимите се на Маја Димовска, музиката на Ѓорѓе Ќириќ.
„Маркс во Сохо”, е драма од Хауард Зин (1922-2010) во која Маркс по договорот со авторитетите на „другиот живот“ добива можност да го очисти неговото име и да се врати во денешницата. Маркс доаѓа во нашето време за да ги брани идеалите на комунизмот и да го спаси денешното човештво од капитализмот. Маркс како семеен човек, кој се мачи да го одржува неговото семејство и Маркс како мислител на радикална промена, кој се труди да биде разбран од неговите другари револуционери современици.
Тој се враќа за да докаже дека неговите идеи се сеуште релевантни, иако Џени, неговата жена, има доста за полемизирање. Алкохолот сепак не ги зближува комунистот Маркс и анархистот Бакунин. 150 години подоцна, Маркс се буни на триумфот на денешниот капитализам.
Љубов и семејна драма, комунизам и анархизам, алкохолизам и сиромаштија, труд и експлоатација, Енгелс и Бакунињ, капитализам и природа, хемороиди и револуција…
Хауард Зин е американски политички активист, познат по неговото класично дело „Народна историја на Соединетите Држави“. Пораснат во Бруклин и работник во бродоградилиштата, Зин учествува во Воздушните сили за време на Втората Светска Војна. Хауард Зин е историчар на искуството на народните маси, професор во универзитетот во Бостон и активен челен на Движењето за Граѓански Права. Неговата смрт во 2010 беше голема загуба за сите борци за правда кои тој ги инспирираше во борбата за ослободување на угнетените.
Поради просторните ограничувања и поставката на претставата, бројот на учесници е ограничен.
За пријавување за премиерата пратете порака на следниот ЛИНК.
За тие што нема да успеат да се пријават пред пополнување на планираниот број на публика, „Маркс во Сохо“ два пати ќе се прикажува и вечерта на 1. мaj.