Премиера на „Кралот Иби“ и гостување на Театар 007 со „Ќелавата пејачка“ во Велешкиот театар

Од:

Во Велес синоќа беше изведена претставата „Ќелавата пејачка“ во изведба на Театар 007 од Скопје, а вечер премиерно ќе биде изведена „Кралот Иби“ на Велешкиот театар.

Новата претстава на Велешкиот театар, според текст од Алфред Жари во режија на Андреј Цветановски, вторпат се изведува на сцената на театарот во Велес по 1986, тогаш во режија на Стојан Стојаноски, кога велешкиот ансамбл со оваа претстава првпат настапи на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Директорот на Велешкиот театар Јордан Витанов изјави дека овој текст е напишан на почетокот на 20 век и припаѓа на големите авангардни естетички движења во Европа. Говори за власта, владетелите, за човековите слабости во однос на феноменот владеење.

Режисерот Цветановски, кој првпат режира во Велешкиот театар, претставата е гротеска која зборува за односот на владетелите со народот.

– Тоа е една ода на глупоста која ние успеавме да ја направиме да преминува од ода на глупоста во ода на љубовта. Тие два термина многу ми се допаѓаат бидејќи спротивставени еден на друг претставуваат прекрасен баланс на гротеската, но и лиричноста, изјави  режисерот Цветановски.

Зоран Љутков ќе настапи во насловната улога, а покрај него настапуваат и Зорица П. Панчиќ, Жарко Димоски, Едмонд Сотир, Фаик Мефаиловски, Марија Стефановска…

Драматизацијата е на Сашо Димоски, сценографијата на Валентин Светозарев, костимографијата на Александра Крнинова-Груев, а музиката на Димитар Андоновски.

Претставата  „Ќелавата пејачка“ на Ежен Јонеско во режија на Игор Иваковиќ на Театар 007 од Скопје, која синоќа беше изведена на малата сцена на Велешкиот театар, наиде на широка прифатеност од велешката публика.

Ги засмеа присутните но и ги замисли и постави многу прашања од животот – за апсурдната реалност на денешницата, неоставањето белег на нашето постоење, лицемерието и лажната учтивост, за бројните квазихерои…

Претставата беше изведена во рамки на манифестацијата „Велес- Град на културата 2015“.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп завршува МТФ „Војдан Чернодрински“

Награди за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот е вечна промена

Културен перформанс „Простор за разговор“ во Битола

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје