Премиера на документарниот филм „Сведоци: Европа“

Од:

Интервјуа на 42 Македонци некогашни деца бегалци од Егејска Македонија кои живеат во Унгарија, Чешка и Полска содржи 50-минутниот документарен филм „Сведоци: Европа“ кој премиерно беше прикажан денеска во Кинотеката на Македонија.

Марија Џиџева е режисер на филмот, кој е четврто продолжение од серијалот филмови „Сведоци“ на владиниот проект „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање видеоматеријали и разговори со Mакедонци протерани од Егејска Македонија во 20 век“. Проектот во 2010 година го почна Кинотеката на Македонија, во соработка со министерствата за култура и за надворешни работи, Институтот за национална историја, здруженијата на деца-бегалци и Mакедонци по потекло од Егејот и Македонската радиотелевизија.

Филмот го третира егзодусот од Егејска Македонија од перспектива на македонската емиграција во Европа. Џиџева вторпат соработува на овој проект, по режијата на третиот дел „Сведоци: Австралија“. Првиот и вториот дел („Сведоци: Македонија“ и „Сведоци: Канада“) ги режираше Атанас Чупоски. Се работи интензивно на документирање и на последниот дел од серијалот, „Сведоци: САД“, за кој интервјуата беа снимени минатиот  месец.

– Ова е уште една потресна приказна од нашето минато и нашата историја. Потресни сведоштва, чие искуство се надевам ќе ни помогне да се соочиме со вистината и да не дозволиме повторно да ни се случуваат вакви приказни, рече Џиџева која филмот го направи од изјавите и интервјуата на тимот од Институтот за национална историја (ИНИ) кој во 2014 година ги сними со деца-бегалци од Граѓанската војна во Грција кои денес живеат во Чешка, Полска и Унгарија.

Теон Џингов од ИНИ рече дека шестчлената екипа за време на двонеделниот престој се соочила со судбината на 42 Македонци протерани од егејскиот дел на Македонија.

– Секоја судбина е уникатна, но тоа што ги спојува е фактот што нивниот единствен и најголем грев бил тому фактот што се Македонци. Не е воопшто лесно да се соочиш со нечие минато, особено кога тоа пред тебе го толкува човек кој е немоќен да ги сопре солзите и да остане сталожен, рече Џингов.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека во изминатите пет години, колку што трае проектот, досега се архивирани над 700 животни приказни од три континенти (Европа, Северна Америка и Австралија).

– Ове е документарен филм за вистината, за судбината на сите дискриминирани и репресирани Македонци кои, иако го продолжија својот животен пат во европските држави, не ја заборавија својата таковина Република Македонија. Во овој серијал се содржани нивните најинтимни чувства, нивниот копнеж и љубовта кон сопствената земја од која беа отргнати на еден суров начин кој остави длабоки траги во нивната меморија, рече Канческа-Милевска.

Таа додаде и дека снимените материјали од овој проект се значајни за историската наука зашто се збогатува со нови сознанија. Очекува дека од проектот ќе произлезат научни трудови и монографии, а можеби собраните материјали ќе бидат предизвик и за некој режисер да сними игран филм.

Би можело да ве интересира

Откриена тајната на американскиот претседател: „Спиеше со повеќе мажи отколку жени“

Предраг Петровиќ

Секс, лаги и скандали: На Нетфликс пристигна серија за веб-страница која растури многу бракови

Предраг Петровиќ

Премиера на првиот долгометражен документарен филм за Конески – „Јанѕа“

Ана Ололовска

Почна снимањето на документарецот за Еми Вајнхаус

Тренчевска: Развојот на социјалното претприемништво има клучно значење во општеството, филмот „Барка-Извор на живот“, ја дава реалната слика за неопходноста од солидарност во заедницата

Ана Ололовска

Премиера на македонскиот документарен филм „Како ја дефинираш ароганцијата?“

Ана Ололовска