Во Големата сала на Центарот за култура во Охрид вечер од 18 часот премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Охридските пливачки легенди“ на авторот Љупчо Паункоски.
Како што го најавува самиот автор, документарниот проект е особено важен за Охрид, оттаму што во целина е посветен на легендите на охридското маратонско пливање. Филмот содржи изјави и интервјуа на легендите Нико Нестор, Дики Бојаџи, Соња Думбалова и Леко Радиќ.
Љупчо Паункоски е вљубеник во фотографијата, а неговата камера има оставено бројни видеосведоштва за Охрид, значајни личности кои оставиле личен печат во градот, но и за родната Малесија.
По професија е електротехничар, има работено на одржување на радио и ТВ-предавателот на Мали Влај, а бил и оператор во охридското кино.