Премиера на балетот „Дамата со камелии“

Од:

Македонскиот Балет в петок премиерно ќе ја изведе балетската претстава во два чина  „Дамата со камелии“ на музика од Џузепе Верди во кореографија на Василиј Медведев од Русија.

Главните улоги (Маргарита и Арман) ќе ги играат првенците на МОБ Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили. Ќе настапи балетскиот ансамбл и Оркестарот на МОБ под водство на диригентот од Србија Ѓорѓе Павловиќ.

Либретото е на Јана Темиз (писателка на детективски романи која живее во Турција), а се базира на познатото дело на Александар Дима (синот). Музиката е позната од најпопуларната опера на Верди – „Травијата“. Сценограф, костимограф и автор на дизајнот на светло е Павол Јураш од Словачка.

Ова е прва соработка на МОБ со кореографот Медведев, кој е и првпат  во Македонија.  На прес-конференција денеска тој рече дека претставата првпат ја режирал во 1996 во Санкт Петербург. Со нова верзија гостувал и во Сараево, а за Скопје е направена најнова верзија различна од претходните. Негов асистент е Станислав Фечо, кој го играл Арман во првата постановка пред 18 години.

Примабалерината Мијалкова рече дека и е чест и задоволство да работи со познати уметници од кои се уште може да се научи нешто ново. Таа ќе го игра комплексниот лик на Маргарита.

– Во целата претстава таа има различни состојби кои треба да се доловат за публиката да ја доживее вистински. Работевме напорно и од мене е извлечен максимумот, рече Мијалкова, која ќе ја игра Маргарита на премиерата и на првата реприза на 4 ноември, заедно со Васил Чичијашвили во улогата на Арман.

Бобан Ковачевски ќе го игра Арман во втората и третата реприза на „Дамата со камелии“ (на 7 ноември со Марија Кичевска-Шокаровска и на 28 ноември со Мими Поп Алексова-Атанасовска). Тој истакна дека претставата бара длабок психолошки пристап за целосно интерпретирање на ликовите. – Интересна е, но и тешка – драматуршки и технички, рече Ковачевски.

Диригентот Павловиќ додаде дека претставата е драматуршки динамична, потресна и весела и дека има се што едно дело треба да го има. Додаде и дека публиката ќе може да слушне ретко изведувани дела на Верди.

Уметничкиот директор на Балетот Горан Божинов нагласи дека резултатите ќе бидат очигледни зашто екипата работела напорно и затоа што Медведев е еден од петте водечки кореографи во светот. Првиот контакт со него, како што рече, бил преку Сараево, каде веќе ја поставил „Дамата со камелии“ (во Сараево  гостувал и веднаш по војната со претставата „Ѓаволесто девојче“), а вториот контакт бил преку сопственикот на „Гришко“, негов личен пријател,  кој отвори фабрика за балетска опрема во Македонија.

Би можело да ве интересира

Двојна изведба на балетската претстава „Заспаната убавица“ од П. И. Чајковски

На Денот на шегата и маските уште две претстави на „Петар Пан“

Ана Ололовска

Балетската претстава „Жизел“ во Националната опера и балет

Ана Ололовска

Изведба на оперската претстава „Боеми“ во Националната опера и балет

Ана Ололовска

Изведба на балетската претстава „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус

Ана Ололовска

Националната опера и балет со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон” во Пловдив

Ана Ололовска