Во Македонската опера и балет вечер премиерно ќе биде изведена балетската претстава „Александар Трети Македонски“ по музика на композиторот Љубомир Бранѓолица. Насловната улога ќе ја игра Васил Чичијашвили од Грузија, во ликот на Роксана ќе настапи Александра Мијалкова, а Олимпија ќе ја игра Ивана Коцевска.
Ќе настапат и Бобан Ковачевски (Хефестион), Трајче Стојковски (Дариј) и Драган Кочоски (Филип Втори). Кореограф е Роналд Савковиќ од Хрватска, кој во балетот посветува внимание на наративната приказна и визуелната естетика. Зоран Костовски ќе понуди сценографија која е создадена да биде прифатлива во денешно време, а сепак автентична на времето тогаш. Костимографијата е на Александар Ношпал, чиј концепт нуди приказ на елементи земени од класичниот – антички и македонски – етнографски костим, редизајнирани на современ начин. Оркестарот на МОБ ќе го води диригентот Борјан Цанев.
– Публиката ќе има можност да проследи едно необично сценско видување на авторскиот тим кој е одличен спој на младоста со искуството. Музичко-сценско дело со модерна визуелизација. Балет што ги следи современите балетски трендови, балет со современ шмек. Балетот во два чина почнува со интересот на композиторот за животот на еден голем крал на Македонија и мотивот да се опее животот на македонскиот војсководец, информира МОБ.
Со премиерата на балетот „Александар III Македонски“ ќе бидат затворени 36. Денови на македонска музика, а репризно ќе биде изведен и утревечер.