Во пресрет на новогодишните празници, Македонската филхармонија вечер во Домот на АРМ во Скопје во 20 часот, ќе одржи симфониски концерт под наслов „NY vs NY“.
Концертот ќе се одржи под палката на маестро Борјан Цанев, а ќе претстави програма која ќе ја донесе атмосферата за време на новогодишните празници во „градот кој никогаш не спие“.
Како солист ќе се претстави извонредниот пијанист Евгени Божанов од Бугарија, кој ќе ја изведе популарната „Рапсодија во сино“ од Џорџ Гершвин.
Оркестарот на Македонската филхармонија на концертот „Нова година versus Њујорк“ ќе ги изведе и фантастичните „Приказна од Западната страна“ од Леонард Бернштајн, „Смешно лице“ од Гершвин, „Saturday Night Waltz“ од Арон Копланд, „The Entertainer“ од Скот Џоплин, „Medley“ од Дјук Елингтон и „Blue tango“, „Плинк, Планк, Плунк“, „Фидл-Фадл“ и „Мачка што игра валцер“ од Лирој Андерсон.
Бугарскиот пијанист Евгени Божанов (1984) почнал да учи пијано на шестгодишна возраст, а јавното деби го направил во својот роден град Русе на 12 години, свирејќи концерт од Моцарт. Помеѓу 1996 и 2010 година, кога кариерата на Божанов е веќе во постојан растеж, тој заминува на студии во Германија, каде што на конзерваториумот Фолкванг во Есен студира со Борис Блох. Се здобива со престижни награди од неколку натпревари, вклучувајќи ги и „Свјатослав Рихтер“ во Москва, „Кралицата Елизабета“ во Брисел и „Ван Клибурн“ во Форт Ворт, Тексас.
Иако беше еден од фаворитите на Интернационалниот натпреварпо пијано „Шопен“ во Варшава во 2010-та, тој не ја освои главната награда, туку четврта, па тоа доведе до контроверзни дебати во полскиот печат, но и многу покани од полските концертни агенти и оркестри за понатамошни концерти. Така, Божанов настапи во Брисел, како и на турнеја во Јапонија свирејќи го Третиот концерт од Бетовен и Првиот концерт од Шопен, со кој во 2011 година, на покана на натпреварот „Шопен“, настапи на отворањето на седмото издание.
Во сезоната 2011/2012, Божанов дебитираше и во Берлинската филхармонија, во „Музиквереин“ во Виена, во „Ројал фестивал хол“ во Лондон, во „Сантори хол“ во Токио, но и во Стокхолм, Санкт Петербург, Милано, Минхен…
Постојано добива извонредни критики од публиката, како и од стручната јавност, во контекст на тоа дека тој е од иста планета како и Липати, Хоровиц и Микеланџели, или дека тој може да произведе повеќе нијанси на тонот од кој било друг пијанист, дека неговиот тон има личен печат, или пак, дека Божанов создава уметност на импровизација и спонтаност, а во истовреме уметност на интелигенција и експресивност.