Во рамки на изложбите „Пристапност“ и „Дизајн за достоинствен живот“, од денеска до 16-ти овој месец Амбасадата на Шведска во Македонија организира повеќе настани.
Од Шведска гостува Сара Шамлу Екблад, едно од лицата чиј портрет е дел од изложбата „Пристапност“. Таа е слепа и ќе дојде со своето куче водич Брис. Во рамки на Конгресот за лица со посебни потреби, на Скопски саем Сара ќе одржи предавање за кучиња водичи и за Брајовата азбука за слепи лица. В недела ќе биде дел од „Балот на различности“, каде ќе настапи на флејта.
В сабота на конгресот гостин предавач ќе биде Пер Јохансон, шведски предавач, сценарист, театарски продуцент и режисер. Тој е иницијатор и водач на театарската трупа „Среќен Худик“. Се работи за театар во кој лица со и без посебни потреби настапуваат заедно на сцената.
Театарот „Среќен Худик“ покрај распродаваните тури во Шведска со „Елвис“ и „Волшебникот од Оз“, имаат настапувано и во Њујорк. Приказната на Пер и како настанува оваа театарска трупа е раскажана во играниот филм насловен „Како да си ги врзеш чевлите?“, кој ќе биде прикажан во Домот на Армијата в сабота, од 20 часот.
По проекцијата на филмот, посетителите ќе имаат можност да поразговарат со Пер Јохансон.