Позитивни критики за „Сестрата на Зигмунд Фројд“ во Шпанија

Од:

За неполни два месеца од објавувањето на шпански јазик во издание на „Алфагуара“ од Мадрид, романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски го доживеа и второто издание.

Шпанскиот дневник „Ла Вангуардиа“ во својата традиционална листа на десет најзначајни преводи за тековната година, го смести и романот на Смилевски.

– Со високите естетски вредности на овој роман, македонскиот писател Гоце Смилевски стана откровение на европската литература, пишува критичарката Изабел Меланхон во освртот на „Сестрата на Зигмунд Фројд“, објавен на страниците на „Ла Вангуардиа“.

Во Шпанија, како што информира Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје, се појавиле и други критички одгласи за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“. Во шпанското издание на магазинот „Есквајер“, романот е оценет како стилски и тематски моќен, како најдобрите дела на Жозе Сарамаго.

Во рецензијата во неделникот „Ла Разон“ се вели дека авторот преку ликовите, нивните размисли и животни стории, создава моќно преосмислување на лудилото и разумот,  роман за животната мудрост. Алберто Мангуел, автор на  „Историјата на читањето“ и на мемоарската проза „Со Борхес“, за неговото пријателство со Хорхе Луис Борхес, во критиката во дневниот весник „Ел Паис“ пишува – „Изграден длабоко, интелигентно, и со храбра имагинација, романот на Гоце Смилевски покажува како уметноста на фикцијата може да постави некои клучни прашања за кои историјата и другите науки не се осмелуваат да се запрашаат“.

За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската унија. Делото се преведува на 30 јазици во светот.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска