Единаесеттото издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, под мотото „Слеј се со тишината“, ќе се фокусира на дизајнот на звук. Шест проекти во различни фази на продукција ќе бидат одбрани за работилницата за звук „Звукот го обликува филмот, филмот го обликува звукот“ со Владимир Ракиќ, која ќе биде поделена во фази од крајот на јуни до крајот на август.
Како што информираат од „МакеДокс“, работилницата за звук е наменета за режисери, монтажери и/или дизајнери на звук со документарен проект во фаза на пред-продукција, продукција или постпродукција, продуцирани или ко-продуцирани во една од следните земји: Северна Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Романија и Турција.
Периодот на аплицирање за учество на работилницата е од 13 јуни до 22 јуни, а резултатите од селекцијата ќе бидат објавени на 26 јуни. Првата групна сесија ќе се одржи на почетокот на јули. Ќе следуваат три-четири индивидуални работни сесии: во текот на јули и август (датумите ќе бидат дополнително определени во договор со менторот). Последната сесија ќе се одржи за време на МакеКоПроДокс форумот во август (презентација на резултатите од работилницата). Работилницата ќе се одвива на англиски јазик. Линк до целосниот повик и биографија на менторот: http://makedox.mk/mk/en/open-
Владимир Ракиќ (1974, Нови Сад) е композитор и дизајнер на звук кој живее и работи во Амстердам. Повеќе од 15 години активно работи на дизајнот на звук и соработувал со повеќе познати документаристи. Држи работилници за звук на Холандската академија за филм во Амстердам.
Сите заинтересирани учесници за работилницата за звук, потребно е да го пополнат формуларот.