Збирката „Двоумење“, минатогодишен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата е нов, необичен глас во македонската поезија, забележа претседателката на Друштвото на писатели, Соња Стојменска-Елзесер на денешната промоција на портретот на авторката Ива Дамјановски во рамките на 60. Фестивалско издание.
Според неа, целата збирка е компактна, а песните се како природно изделкани скулптури, парчиња камен, кои како да немало потреба некој да ги обработува, да ги мазни и длаби, туку како да се одронале точно такви какви што треба да бидат и да останат само такви и никакви други.
-Насловот на збирката е наслов на една од песните кои го фрлаат пред читателот „црвенилото“ што обојува голем дел од стиховите. Симболиката на црвеното ни оддалеку не е онаа едноставната, препознатливата, туку е издигната на едно повисоко ниво, повторно како крв, како револт и револуција, како вжарено ново сонце, но овојпат спротивставени не на конкретни идеологии или пресии, туку на глобалните загрози, пред сè на она страшно чувство на немоќ и апокалиптичност што сè повеќе нè обзема сите и насекаде, истакна Стојменска-Елзесер.
Во рамките на програмата беа промовирани и книгите од потесниот круг за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2021 година: „Потпис: трепетлика“ на Ана Стојановска, „Големата прегратка“ на Павлина Атанасова, „Девет преобразби во чудната шума“ на Пандалф Вулкански и „Сватови на песната“ на Даут Даути. Годинашен добитник е поетската збирка „Гранична состојба“ на Лидија Димковска.