Поради невреме во Охрид, концертот на Сандовал презакажан за вечер

Од:

Поради невремето кое го зафати Охрид, синоќа беше откажан концертот на џез-музичарот и меѓу најпознатите изведувачи на труба во светот Артуро Сандовал, кој требаше да се одржи на Античкиот театар од 21 часот.

Дирекцијата на „Охридско лето“ соопшти дека настанот е презакажан за вечер во Домот на културата во Охрид каде што ќе има два концерта на Сандовал, со почеток во 17 и во 19 часот. 

– Бидејќи капацитетот на овој концертен простор е ограничен и помал во споредба со оној на Античкиот театар, во недела ќе се одржат два концерта, а по барање на публиката која само овој викенд и специјално за овој концерт е во Охрид, термините ќе бидат во доцните попладневни часови. Концертот од 17 часот ќе можат да го проследат оние кои имаат влезници за партер, блок Б и блок Д (по шемата на Антички театар), а концертот од 19 часот ќе можат да го проследат оние кои имаат влезници за блок А и блок Ц (по шемата на Антички), соопшти „Охридско лето“.

Сите кои веќе купиле влезници, а нема да бидат во можност да присуствуваат на еден од презакажаните концерти, Дирекцијата на фестивалот ги известува дека од среда, 10 август, ќе можат да ги вратат своите билети и ќе им бидат рефундирани паричните средства.
Деталите за местото и начинот на спроведување на рефундирањето, ќе бидат објавени дополнително. За повеќе информации од понеделник ќе може да се обратат на телефонските броеви: 02/2775-430 во Скопје и 046/262-304 во Охрид.

– Во оваа прилика му благодариме и на големиот Артуро Сандовал за укажаната чест и согласноста да го продолжи својот престој во Охрид за да не ѝ остане должен на македонската публика со најавениот концерт, како и на сите кои ни излегоа во пресрет за да бидат овозможени денешните  два концерта. Жалиме за временските неприлики кои не само што го зафатија Охрид, туку и поширок дел од земјава, а воедно, уште еднаш упатуваме извинување до публиката и ви благодариме за покажаното разбирање во оваа неприлика, пишува во соопштението на „Охридско лето“.
Како што беше најавено претходно, Артуро Сандовал во Центарот за култура во Охрид денеска ќе одржи семинар за студенти и професори по труба и џез-музичари. Почетокот е закажан за 15.30 часот. Најавено присуство на музичари од Македонија, но и од Бугарија, Србија, Хрватска и Романија. 

Би можело да ве интересира

Француско-руска вечер со пијано и виолончело на „Охридско лето“, Ал Ди Меола на Антички

Емир Латифовиќ

Меѓународен фестивал „Фолклорен Мост“ во Струга

Емир Латифовиќ

„Where Jazz Meets Clasical“ – концерт на „Скопско лето“

Емир Латифовиќ

„Три дена во септември“ доби награда за најдобра музика на фестивалот SEE a Paris

Предраг Петровиќ

Mакедонската култура на Фестивал на франкофонијата во Созопол

А1он

МНТ и Театар Комедија се оградија од денешните протести на нивните колеги

Емир Латифовиќ