Утре вечер, со почеток во 21.00 часот, ќе се одржи голем музички концерт, под отворено небо, на плоштадот „Гоце Делчев“ во Битола.
Бендовите “С.А.Р.С”, „THE PRODIGY live tribute band“ и “FUNK SHUI” гарантираат одлична забава за сите љубители на добрита музика и концерното расположение.
Концертот е дел од фестивалската програма на Битола отворен град 2018 година.
Вчера, 26.06.2018 година, се реализира програма насловена Учествуваме, застапуваме, менуваме. Како дел од оваа програма се одржа “Работилница за демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модел на институции и јавно-цивилно партнерство”. На работилницата беше претставен моделот на првата хибридна институција на цивилно-јавно партнерство во земјава меѓу ЈАДРО и Општина Центар од Скопје наречена Културно-социјален простор „Центар-Јадро“.
Под менторство на Јадро – Асоцијација на независна културна сцена во Македонија во Битола започна процес за обединување на иницијативите за обезбедување на простори за потребите на независната културна сцена, граѓанскиот сектор, уметниците и младинските работници и за развивање на модел за формирање на културно–општествен центар со свои локални специфики.
Во попладневните и вечерните часови беа претставени низа на Културни интервенции во јавен простор подготвени од членките на ЈАДРО: – Изложба на фотографии од проектот „Урбани уметнички акции“ реализиран од Центарот за современи уметности (ЦАЦ), Скопје; изложба на стрипови на млади неафирмирани автори со наслов „Во Македонија имало стрип автори“ во организација на Стрип центар на Македонија, Велес. – Промоција на изданија од едицијата „Лифт“, и едицијата на сликовници „Во пет кај вртелешките!“ од издавачката куќа „Темплум“. – Драмско читање на извадок од текстот „Против демократијата“ на авторот Естев – Слем вечер со „Поетри слем Македонија“ и проекција на филмот „In Danger and Dire Distress the Middle of the Roads Leads to Death” на германскиот режисер Alexander Kluge.
Денеска на програмата е Младински предизвик и јавна дискусија, со почеток во 19 часот во салата за презентации во МКЦ – Битола, каде битолчани ќе имаат можност да поразговараат на темата Што може Битола да научи од Нови Сад? Наши гости се дел од координативниот тим на OPENS 2019 – Европска Младинска Престолнина 2019.
Програмата на фестивалот „Битола отворен град 2018” продолжува до 30-ти јуни.