Пофалби од американската критика за „Македонисимо“ на Симон Трпчески

Од:

Најновиот проект инспириран од фолклорна музика „Македонисимо“ на пијанистот Симон Трпчески, доби пофалби од американскиот магазин специјализиран за рецензии „Америкен Рекорд Гајд“ и двомесечникот „Фанфер“, специјализиран за класична и џез музика.

Како што соопштија денеска од КултурОп, во рецензијата на „Америкен Рекорд Гајд“ на читателите им се препорачува овој „амбициозниот проект предводен од пијанистот Симон Трпчески“, појаснувајќи дека самиот наслов „Македонисимо“ значи „мошне македонски“.

Во својот осврт, реномираниот критичар Нејтан Феро, подвлекува дека „народната музика во родната Македонија на Трипчевски е преполна со ритмичка виталност и модална убавина“.

– За Трпчески и многу други Македонци, таа е дел од секојдневниот живот и е така уште од детството. За „Македонисимо“, тој групирал песни и танци… во шест плетенки или фолклорни збирки… Македонскиот композитор Панде Шахов потоа ги транскрибира за Трпчески и остатокот од Квинтетот „Македонисимо“, составен од професионални класични и фолклорни музичари. Тие во 2017 година тргнаа на меѓународна турнеја со проектот, што доведе до овој албум. И тоа каков албум! Тоа не е просечно поимање на народната музика, Шахов не цели кон етномузиколошка автентичност, туку кон вистински оригинална и лична транскрипција што го задржува суштинскиот дух на музиката, пишува во својата рецензија Феро.

Тој додава дека позадината во џезот може да се почувствува во начинот на кој пристапува кон пишување за квинтетот, правејќи простор за импровизации и украси. Музиката, нагласува Феро, е предизвикувачка, напишана за да одговара на високото ниво на вештина во изведбата на музичарите…

– „Македонисимо“ воспоставува рамнотежа помеѓу традицијата и оригиналноста. Без оглед дали е дадена прогонувачка и потресна мелодија, носталгична, лирска балада или вртлог од енергично, славеничко танцување, музичарите внесуваат силно чувство и непречена радост во музиката. Силно му го препорачувам овој албум на секој љубител на музика, се појаснува во рецензијата на Феро.

И американскиот двомесечник „Фанфер“ низ перото на Петер Бурвасер, препорачува до своите читатели никако да не го пропуштат ова издание.

– Забавната етикета за овој „излет“ е „Македонисимо“- јазична мешавина што слободно може да се преведе како „многу македонска“. Не сум квалификуван да коментирам за степенот на македонизам што го добиваме тука, но ова е мошне забавна и прекрасно изведена презентација, без оглед на какво било прашање за автентичност. Проектот претставуван пред публиката во живо од својата премиера во 2017 година во Германија, е резултат на соработката помеѓу Трпчески и македонскиот композитор Панде Шахов, во консултација со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, пишува во рецензијата Бурвасер.

Инаку, минатата година најавената северноамериканска концертна премиера на „Македонисимо“ беше одложена поради пандемијата. Новите термини се очекува, зависно од ситуацијата, да бидат потврдени наскоро, информираат од „КултурОп“.

Би можело да ве интересира

„Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите пред софиската публика

Трпчески и пријателите низ Балканот со МАКЕДОНИСИМО

Симон Трпчески настапи со Државниот филхармониски оркестар на Солун

Ана Ололовска

Мини-турнеја на Трпчески заедно со светскиот виолинист Максим Венгеров

Симон Трпчевски со ЦД-то за Шостакович номиниран за Меѓународните награди за класична музика

Симон Трпчески ќе ја отвори новата концертна сезона на Филхармонија