Пред преполна сала на книжарницата Хеликон, пред бројни претставници од културниот и литературниот живот на Софија и почитувачи на неговиот литературен опус, кои во редици чекаа за потпис од авторот на стихозбирката „Митологија на сонот”, заврши промоцијата на второто дело издадено на бугарски јазик, на академик Влада Урошевиќ, соопшти Културно-информативен центар на Македонија во Бугарија.
Творечкиот опус на академик Урошевиќ пред публиката во Софија го претставија, лауреатот на Струшките вечери на поезијата Љубомир Левчев, литературниот критичар Јордан Ефтимов. преведувачот на стихозбирката Роман Кисјов и директорот на македонскиот КИЦ во Софија, Васко Шутаров.
Голем беше интересот и на медиумите за овој настан, со настап на Влада Урошевиќ на една од бугарските телевизиски програми, како и гостувањето во неколку значајни радио-програми.
Македонскиот писател, само неколку дена пред своето претставување во Софија, гостуваше на меѓународниот поетски фестивал „Славјанска прегратка“ во Варна, каде што стана добитник на главната награда „Златно летечко перо“, за својот севкупен литературен опус.