Поезија од Влада Урошевиќ на „Литературната ноќ“ во Софија

Од:

Во софискиот Арт-клуб „Дада“ вечерва се читаше поезија од стихозбирката „Митологија на сонот“ од академик Влада Урошевиќ, која пред неколку дена е преведена на бугарски јазик од Роман Кисјов, издание на „Ерго“ од Софија.

Настанот е дел од европската манифестација „Литературна ноќ“, што се одржува во дваесетина градови на Европа, под покровителство на Европската асоцијација на културни институции – ЕУНИК. Во организацијата на „Литературната ноќ“, која во Софија се одржува втора година, првпат е вклучен и Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.

Неговиот директор Васко Шутаров истакна дека се вклучени уште 11 институции од културата на други европски земји кои имаат центри во бугарската престолнина и дека секоја си претставува свој автор, кој е скоро преведен на бугарски.

Посетителите, претежно млади луѓе, оваа вечер ги посетуваат сите 12 поетски пунктови, слушаат стихови и добиваат печати во програмската брошура, а тие со собрани печати од најмногу места добиваат и награди.

– Целта е да се промовира литературата и да се стимулира издаваштвото. Секоја од земјите има избрано интересна локација за читање поезија, а ние го избравме Арт-клубот „Дада“ зашто е култно место. Тука често има џез-вечери и изложби на надреалисти и е амбиент соодветен за претставување на нашиот писател-надреалист, рече Шутаров.

Вечерашното читање беше претходница на официјалната  промоција на оваа поетска книга на Урошевиќ, закажана за  28 мај во  познатата софиска книжарница „Хеликон“. Тогаш ќе присуствува и Урошевиќ, а книгата ќе му ја промовира бугарскиот поет Љубомир Левчев, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Стиховите на Урошевиќ на бугарски јазик вечерва во Софија ги интерпретираше македонскиот актер Иван Калошев, со музичка придружба од Сара Костадиновска на харфа и Ива Христовска на гитара, исто така од Македонија.

На останатите 11 локации низ Софија на литературната ноќ се претставуваат Британскиот совет, Институтот „Гете“, Европската комисија во Софија, Полскиот институт, Францускиот институт, Чешкиот центар, Културно-информативниот центар на Руската Федерација во Софија.

Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија утре ќе биде отворена изложбата „Аналогни асоцијации“, на која ќе бидат претставени дела од македонската уметница Мирјана Крстева-Масети и од две бугарски уметници – Христина Георгиева и Теодора Петева.

В петок, пак, македонскиот филм „Мир за сите“, во режија на Елизабета Коневска ќе го отоври Фестивалот на културно наследство.

Наскоро во Софија ќе има уште две книжевни претставувања од Македонија – на 4 јуни Венко Андоновски на Софискиот универзитет, а на 14 јуни Радован Павловски во КИЦ на РМ.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска