Селекција од поезијата на Митко Гогов, концептуален уметник, поет и граѓански активист од Струмица е објавена во превод на шпански јазик на страниците на реномираните Vallejo & Co., базирани во Лима, Перу, кое важи за едно од најдобрите портали за поезија во светот за сите оние од шпанско говорно подрачје.
По објавувањето на неговата поезија во Шпанија, Мексико и Аргентина, ова е објава која ја промовира неговата поезија на уште поголема читателска публика, а се реализира по концентрираната и совршена соработка со Марко Видал кој ја преведуваше поезијата на Митко Гогов на шпански јазик, а со помош на Емилија Мирачиска и благодарение на Марио Пера и неговиот тим на соработници од Vallejo & Co.
Vallejo & co. е перуанско книжевно списание фокусирано на поезија. Објавува песни на шпански, латиноамерикански и поезија од други земји преведени на шпански и во моментов изработува избор на македонски автори на нивната страница што ќе бидат објавени во антологија на младата поезија на Македонија.
Митко Гогов е роден 1983 година, пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга кои ги објавува повремено во микроблогосферата twitter. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, Кина, Тајван, Египет, USA, Аргентина, Русија, Шпанија, Италија, Чешка, Романија, Германија, Израел, Мексико, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Грција, Бугарија… Автор на стихозбирката Ледена вода издадена во Србија (2011), во Македонија во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа Антолог (2014).
Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои наградата „Енахалон“ на Струшките вечери на поезијата, наградата „Анџело Ла Векија“ во Сицилија, Италија, наградите на „Поетски литературни искри“, „Поетски слем“ во Прилеп, „Струшки бранувања“ во Струга и многу други. Годинава од печат ќе излезе неговата втора книга „Скриено писмо“, во издание на издавачката куќа Антолог.