„Поетската ноќ во Велестово“ во знакот на творештвото на Зоран Анчевски, интернационалната вечер презакажана за наредното издание

Од:

Охридското село Велестово од вечерва повторно ќе пулсира во ритамот на поетскиот израз, во рамки на манифестацијата „Поетска ноќ“ што по 32 пат ќе се одржува во тоа познато туристичко место на падините на Галичица на источниот брег на Охридското Езеро.

Почетокот на манифестацијата традиционално се одбележува на средсело во Велестово со поетска вечер, оваа година посветена на Зоран Анчевски, но и на скулптурите на Димитар Филиповски. За творештвото на Анчевски ќе беседи Милош Линдро, додека стиховите ќе ги интерпретира Јован Цветкоски. Уметничката вечер ќе ја збогати настапот на „Скопје гитар трио“, предводено од Дарко Багески.

Манифестацијата продолува и утре кај локацијата позната како „на Каменон“ во Велестово со настанот „Поезија ̶ Залез“, каде свои творби ќе читаат Тоде Илиевски, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска, Павлина Атанасова и Јулијана Величковска.

Планираната интернационална вечер посветена на современата исландска поезија, претставена преку две исклучителни исландски поетеси ̶ Сигурбјорг Трастардотир и Кристин Омарсдотир, заради ситуацијата со коронавирусот е презакажана за следното 33 издание на манифестацијата.

Инаку, сите предвидени содржини на „Поетската ноќ во Велестово“ се организирани согласно протоколите и препораките на Владата и Министерството за здравство за заштита од КОВИД 19.

„Поетска ноќ во Велестово“ е манифестација единствена од таков вид во Република Македонија. Основана е во 1989 година како камерна презентација на творештвото на афирмиран македонски поет и сликар. Од нејзиното првото издание одржано на 12 авуст 1989 година низ неа продефилираа најзначајните македонски поети и сликари, меѓу кои: Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Јован Котески, Матеја Матевски, Радован Павловски, Јордан Плевеш, Славе Ѓорѓо Димоски, Богомил Ѓузел, Михаил Ренџов, Ефтим Клетников, Ристо Јачев, Братислав Ташковски, Пако Кузман, Веле Смилевски, катица Ќулавкова, Раде Силјан, Бладимир Мартиновски, Никола Маџиров и др., сликари: Вангел Наумовски, Глигор Чемерски, Сергеј Андреевски, Боро Митрикевски, Родољуб Анастасов, Владимир Георгиевски, Газанфер Бајрам, Коле Манев, Мирослав Масин, Славко Упевче, Никола Упевче, Драган Спасевски-Охридски, Доне Милјановски, Нове Франговски, Васко Ташковски, Александар Станковски и други. Од странските поети досега во Велестово имаат настапено поети од Сирија, Србија, Турција, Израел, Ирска, од Италија, Црна Гора, Естонија, Бугарија, Албанија, Норвешка, Словачка, Словенија, од Монголија. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, Општина Охрид и Комерцијална Банка.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот