Најновата поетска книга од македонскиот писател Бранко Цветкоски „Од исто тесто“ излезе во превод на бугарски јазик во идание на книгоиздателство „Захариј Стојанов“ од Софија, Бугарија.
Книгата на Цветкоски, која претставува своевиден поетски разговор за онтолошкото сродство на животот и смртта, е во препев од македонски јазик на познатата бугарска поетеса Роза Бојанова.
Песните од книгата, како што посочува и бугарскиот издавач, се настанати во последните четири години и ја претставуваат најзрелата поетска фаза на Цветкоски, кој низ гласот на вечно зачудениот творец ја воспева онтологијата на смртта како дел од филозофијата на човековото постоење.
Ова обемно поетско дело на Цветкоски е проследено и со две есеистички толкувања на Санде Стојчевски и на владиката Давид Нинов.
– Најновите песни на Бранко Цветкоски може уште долго, со високо отчетен критичарски јазик да се коментираат, да се толкуваат, да им се загледуваме во насетувањата, во питијските двојни текови, да им се вслушуваме во ехото, но тактичноста нè предупредува да не им пречиме на сите што влегуваат или се враќаат од текстот, од овие лирски беседи во кои пее дури и хоризонтот, кои се во дослух со сложените филозофски системи, па едноставно восхитот и оцената да ги искажеме преку парафраза на еден стих, благодарни за ефикасната позајмица на која ништо не треба да ѝ се додаде или одземе: Ух, какви песни!, вели, меѓу другото, во својот разглед Стојчевски.
Бранко Цветкоски е автор на 26 книги поезија, критика и есеистика и публицистика. Во 2014 година беа отпечатени неговите „Избрани дела“ во шест тома. Објавил над 30 преведени и препеани книги од видни балкански, европски и светски поети, прозаисти и публицисти, главно репрезенти на словенските литаратури. Одделни поетски книги или избори од поетското творешетво на Цветкоски се преведени и објавени на 18 светски јазици.
Цветкоски е добитник на 19 високи македонски и меѓународни литературни награди и признанија како и на Државната награда „Свети Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста од интерес за Република Македонија, во 2009 година. Член е на Македонскиот ПЕН центар, на Друштвото на писателите на Македонија, на Словенската литературна и уметничка акaдемија со седиште во Варна (Бугарија) и нејзин коoрдинатор за Република Северна Македонија и почесен член на Сојузот на бугарските писатели.
Еден е од востановителите на Балканската книжевна фондација „Балканика“, основач на издавачката куќа „Макавеј“ и на списанието „Книжевно житие.
Поетската книга „Од исто тесто“ е објавена пред една година, а изданието на бугарски јазик на книгоиздателство „Захариј Стојанов“, се појавува со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, во рамките на отворената програма за афирмација на македонската литература во странство. Според истата програма, оваа книга на Цветкоски на пролет треба да се појави и на романски јазик, во Букурешт.