Друштвото на писателите на Македонија денеска во библиотеката на манастирот „Св. Јован Бигорски” ќе одржи поетска средба по повод акцијата за донирање книги, покрената по опожарувањето на ова духовно средиште.
На средбата пригодни обраќања ќе имаат претседателот на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија, Веле Смилевски и старешината на манастирот „Св. Јован Бигорски”, архимандрит Партениј, а потоа со стихови ќе настапат десетина поети од различни генерации.
Друштвото на писателите на Македонија ќе подари неколку едиции со книги за обновената библиотека на манастирот „Св. Јован Бигорски”.
Колекцијата на подарените книги ќе биде од областа на книжевната наука и филозофијата, фолклорот, историјата, публицистиката, како и од областа на белетристиката: поетски книги, романи, збирки раскази, драми и критичко-есеистички дела напишани од членовите на ДПМ.
Во акцијата која траеше неколку месеци, писателите од своите библиотеки подаруваа и книги од светската класика, научна и стручна литература.