Поетот Чарлс Симиќ од САД е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, соопшти денеска раководството на поетскиот фестивал.
Симиќ е роден во 1938 година во Белград. Тој е еден од најзначајните современи американски поети, есеисти, критичари и преведувачи.
За своите остварувања Чарлс Симиќ е добитник на бројни реномирани книжевни награди, како што се „Пулицеровата награда“, наградата „Едгар Алан По“, наградата на Американската академија, меѓународната награда „Грифин“ за поезија, наградата „Валас Стивенс“, наградата на Конгресната библиотека во Вашингтон, наградата на српскиот ПЕН центар за превод на српската литература, медал „Роберт Фрост“ за животно дело во доменот на поезијата, награда „Вилчек“ за уметност и хуманистика, како и наградата „Босански стечак“ на меѓународната поетска манифестација „Сараевски денови на поезијата“.
„Златниот венец“ на Симиќ ќе му биде врачен на годинашното 56. издание на поетскиот фестивал, кој традиционално се одржува на крајот на август во Струга.