Поемата „Азбукословецот“ ја доби наградата „Григор Прличев“ за 2013 година

Од:

„Азбукословецот“ под шифра „Аз-буки“ ја доби наградата „Григор Прличев“ за најдобра необјавена поема на македонски литературен јазик за 2013, што на анонимен конкурс ја доделува АД Просветно дело-Детска радост.

Одлуката ја донесе тричлено жири-Милован Стефановски, претседател и членовите Бранко Цветкоски и Иван Чаповски, а беше соопштена на денешната прес-конференција. Откако авторот ќе се пријави, неговото име дополнително ќе биде соопштено.

– Поемата „Азбукословецот“ со поднаслов „Во слава на свети Климент премудриот кој посеа житница на неграмотна нива и кој со песна ги допира ѕвездите“ е кохерентна целина на исклучително стамен пев составен од 1.110 стихови поделени на три дела. Со цврсто потпирање на нашата традиција на веќе усвоените вредности и освоените вертикали на подолгите поетски творби со лирско-епски карактер, овојпат со наградената поема добиваме дело за кое речиси со сигурност може да се предвиди дека ќе заземе едно од значајните места во македонскиот поетски трезор, рече претседателот Стефановски.

Очигледно е дека се работи за опитен автор, за поет кој, како што рече, не само што покажува дека располага со богат лексички фонд, туку и докажува дека има дарба токму вистинските зборови мошне умешно да ги вгради во трпеливо обликувани, во маестрално избрусени стихови.

– Од вкупно пристигнатите 19 поеми на годинашниот конкурс, „Азбукословецот“ најмногу го заслужува толку посакуваниот вредносен печат што го означува „прличевскиот дух“ на пеење, а совпаѓањето, пак, со одбележувањето на 1.150 годишнината од словенската писменост само го збогатува впечатокот дека успешно се продолжува книжевната традиција на великиот македонски поет Григор Прличев, потенцира Стефановски.

Во најтесен избор за наградата биле и поемите „Сенка на векот“, „Седмиот ден“, „Лудобилје“ и „Цветот од Белица“. Наградата „Григор Прличев“ ќе биде врачена на 5 февруари 2014 година во Охрид.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска