Почнуваат 51. Рацинови средби

Од:

Со грнчарска работилница во Спомен куќата на Рацин во стариот дел на Велес денеска започна програмата на 51. Рацинови средби, посветени на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.

Организаторот на средбите Општина Велес веќе традиционалната петта грнчарската работилница ја организира во соработка со Здружението на граѓани „Разбој“, а кое и годинава во куќата на Рацин околу грнчарското колце ги собра врвните мајстори на глината од Велес, Скопје, Куманово, Радовиш и Неготино. Нивните грнчарски производи од сите досегашни работилници ќе бидат изложени вечерва во Ликовниот салон во Велес.

Гоце Станчев претседател на „Разбој“ во изјавата за МИА информира дека работилницата трае веќе неколку дена и привлекува голем интерес кај посетителите.

– Целта е да се зачува македонската и велешка традиција на грнчарски производи и сеуште да се врти грнчарското колце на кое работел и самиот Рацин, потенцира Станчев.

Веднаш потоа програмата на средбите продолжи во Градската библиотека во Велес со промоција на електронската едиција на дела на сите добитници на Рациновото признание. Едицијата ја издаде Одделот за дигитализација на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје, а ја промовира нејзиниот директор Бранко Цветковски.

Како што во своето обраќање до присутните информира Цветковски станува збор за 43 дигитални книги на сите добитници на Рациновото признание заклучно со 2013 година, а истите од понеделник ќе се најдат и на страната на градската библиотека„Браќа Миладиновци“.

– Достоинствената врвица прозни книги и нивните автори кои го понеле признанието што се врзува со големото основоположничко книжевно дело на Кочо Рацин, истовремено претставува и своевидна репрезентација од раскажувачки и романсиерски  пристапи, поетика и уметнички придонеси кои веќе во современата македонска книжевна историја се клучни факти со кои трајно се поврзува нашиот јазичен, литературен и културен идентитет и нашето препознавање, појасни Цветковски.

Се одржа и симпозиумот на тема „Рацин и вистината“, а со кој раководеше проф  д-р Кристина Николовска.

Во изјавата за МИА проф. д-р Николовска појасни дека симпозиумот е замислен како провокација да се поттикне прашањето вистината за Рацин и тоа во најширока смисла од биолошки факти за неговиот живот,творештвото,поезијата,прозата,публицистиката и колку критичарите ги допирале овие прашања.

– Сметам дека прашањето е интересно и предизвика интерес кај голем број македонски критичарите, а би ги издвоила Стефан Влахов Мицов, Иван Антоновски, Трајче Стамески и кај мене бидејќи јас сметам дека Рацин е вистината. Според мене, тој многу разговарал со иднината, а за жал во свое време не бил сватен, а сватен е од иднината, а тоа сме сите ние, заклучува проф. д-р Кристина Николовска.

Програмата на 51- те Рацинови средби продолжува вечерва со перформансот на Васил Зафирчев насловен „1000 свеќи за Рацин“ кој ќе се одржува на неколку локации  на отворено во Велес, Мало Мовче, Градски саат, Споменик на Рацин во центарот на градот.

Свеченото отворање на 51-те Рацинови средби е вечерва во Младинскиот парк, а богатата програма ќе биде збогатена и со настап на млади македонски поети и ќе бидат врачени и Рациновото и Почесното Рациново признание за 2014 година.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска