На плоштадот „Никола Мартиноски“ во Крушево вечер почнува манифестацијата „Крушево етно град 2013“. Организатор на манифестацијата која стана традиционална е Историскиот музеј од Крушево.
На отворањето ќе настапат културно-уметнички друштва од Прилеп, Демир Хисар, Кривогаштани и Крушево. Се очекува официјално манифестацијата да ја отвори претставник од Министерството за култура.
Градот и Музејот од Крушево со оваа петта манифестацијата го оживуваат духот и обичаите на Крушево во време на Крушевската република.
– Целта е да се истакнат традицијата, културата, богатата крушевска и македонска историја преку обичаите, носиите, занаетите, да се запознаат посетителите и туристите со се што е дел од нашето културно богатство, рече Зоран Богески, директор на Историскиот музеј од Крушево.
За време на манифестацијата повеќе од 50 костимирани дуќанџии, занаетчии и граѓани ќе ги оживуваат минатото и традицијата.
По свеченото отворање на „Крушево етно град 2013“, од 22 часот во Горно училиште првпат ќе биде одржана премиера на претстава. Ќе биде изведена театарската претстава „Мелодија“ од Леонид Зорин во режија на Јован Ристовски. Во претставата играат Захарија Ангелеска и Михајло Миленкоски, а костимите се на Андреј Ѓорѓиевски. Со ова ќе профункционира и театарската сцена во Крушево.