Со концерт на филхармонијата „Михаил Јора“ од романскиот град Бакау, вечер во Битола ќе почне 22. фестивал на класична музика „Интерфест“ кој годинава е посветен на врвните композитори Рихард Вагнер и Џузепе Верди.
– Музичкиот свет ја слави 200 годишнината од раѓањето на Вагнер и Верди чии бесмртни дела останаа блескав и неисцрпен трезор за идните генерации. Фестивалот им е посветен токму ним, бидејќи тие се дел од феноменот во науката, културата и музиката, а нивната големина трајно ги одбележа овие два века, вели уметничкиот директор на „Интерфест“ Милица Шперовиќ Рибарски.
Филхармонијата „Михаил Јора“ која е на светската музичка сцена од 1956 година, ќе настапи со 75 музичари под диригентство на Валентин Дони од Молдавија, а делата на Вагнер и Верди ќе ги изведат сопранот Георгета Григоре и тенорот Разван Сарару.
До 12 октомври на неколку локации во Битола целовечерни концерти ќе одржат триото „Сиринкс“ од Романија, Луиџи Санто и Даниела Џентиле од Италија, пијанистот Еуген Сквородников од Русија, дуото „Браќа Куенка“ од Шпанија, како и музичарите од Македонија Томе Костовски-пијано, Зоран Станишиќ-пијано и сопружниците Љубиша и Маја Кировски кои оваа година одбележуваат две децении заедничко негување на класичната музика.
– Годинава на „Интерфест“ ќе има и два дисперзирани концерта, во Велес и Охрид, како и два мастеркласа со Еуген Сквородников, пијанист од Русија, и Андреа Кардинале виолинист од Италија. На овие бесплатни предавања ќе учествуваат ученици и студенти од Битола, Скопје и Штип, најави Шперовиќ-Рибарски.
„Интерфест“ се одржува под покровителство на Министерството за култура и со поддршка на општина Битола.