Концертот на виолинистот Љубиша Кировски и пијанистката Маја Шутевска-Кировска вечер во Музеј на Град Скопје ќе го отвори седмиот Фестивал на музичките уметници на Македонија „Златна лира“, кој ќе се одржува до 25 октомври.
Тие ќе одбележат 20 години уметничка дејност и ќе изведат дела за виола и пијано кои за нивниот јубилеј ги посветиле композиторите Елизабета Илиевска-Бете (Dancing with my shadow) и Тодор Трајчевски (Meeting), како и премиерни изведби на пет пиеси од балетот на „Ромео и Јулија“ на Сергеј Прокофјев и соната за виолина и пијано од Џон Корлиано.
Фестивалот посветен на камерната музика од македонски автори оваа година е фокусиран на дуо-концерти, па покрај Кировски-Шутевска во Музеј на Град Скопје ќе има уште два концерта со двајца изведувачи. На 23 октомври кларинетистот Бранко Павловски и пијанистката Наташа Трбојевиќ ќе изведат дела од Моке, Рабо, Сен-Санс, Кајзак, Месаже и од Вања Николовски-Ѓумар, а на затворањето на фестивалот, на 25 октомври, ќе настапат флејтистот Страшо Темков и пијанистката Марија Вршкова, со дела од Бранѓолица, Вања Николовски-Ѓумар, Хиндемит и премиерна сонатина од Елтон Бартон.
Во склоп на „Златна лира“ ќе биде и традиционалниот концерт на студентите од вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност, кој ќе се одржи на 17 октомври на ФМУ.
Покрај музичкиот дел, фестивалот ќе биде збогатен и со промоција на книгата „Мојот живот во музиката – спомени за развојот на класичната музика во Македонија“ од долгогодишниот концерт-мајстор Ѓоко Николовски.
Организатор на „Златна лира“ е Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ), чиј претседател Љубиша Кировски на прес-конференција рече дека македонските сцени треба да бидат поотворени за македонските музичари, а не да ги протежираат странските изведувачи.
Фестивалот опстојува на ентузијазмот на членовите на СМУМ зашто е скромно поддржан од Министерството за култура, годинава со 100.000 денари. Од минатото издание наместо во декември се одржува во октомври, затоа што во салата во Музеј на Град Скопје нема греење.