Центарот за култура-Битола од денеска до 29 април е домаќин и организатор на 16. издание на Интернационалниот „Фестивал на монодрама“, на кое годинава ќе настапат актери од Русија, Финска, Белорусија, Косово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Австрија, Украина, Црна Гора, Србија, Хрватска и од Македонија.
Фестивалот ќе биде отворен вечер во 20 часот со претставата „ Аферата Елсинор“ во режија на Љубиша Георгиевски, а во изведба на Македонски народен театар.
– Ќе ја славиме театарската уметност. Се надеваме дека публиката, како и во изминатите години, ќе го препознае квалитетот на овој фестивал, кој достигна високо реноме во изминатите изданија и дека ќе ги исполни салите на Центарот за култура и на Народниот театар, истакна директорот на Центарот за култура Борче Димитровски.
Во натпреварувачкиот дел од програмата ќе настапат Аленка Данченко од Русија, со монодрамата „Сонот на Наташа“, Елена Дудич од Белорусија ќе ја изведе „Пјаф“, Ментор Зумберај од Косово ќе настапи со „Амок“, Среќко Марчета од БиХ со „Ќути, Страхило“, а ќе настапат и Јорданка Стефанова со „Бесна, кривогледа и лакома“, Нина Салинен со „Лир“, Кристиан Нислмилер со „Хесе и Клингор“, Никола Василевиќ со „Кралот на измамата“, Марина Груничева со „Те чекам љубов моја“. Гостинката од Загреб Еција Ојданиќ ќе ја изведе монодрамата „Бобочка“, а Драгана Јовановиќ од Ниш ќе настапи со „Теодора – недовршено“. Селектор на фестивалот е актерот од Битолски театар, Петар Мирчевски.
Наградата Гран-при ќе ја додели меѓународно стручно жири предводено од Мими Таневска, заедно со Ѓорѓи Јолевски од Македонија, Нина Мазур од Германија, Татјана Киктева од Белорусија и Драгана Бошковиќ од Белград.
Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2014“, кој се одржува под покровитрлство на Министерството за култура ќе заврши на 29 април, а во чест на наградените ќе биде изведена претставата „Стујардеси“ на Театар комедија од Скопје во режија на Синиша Ефтимов.