Над 100 филмови, 200 гости, десет концерти и пет филмски работилници ќе има на 13. Фестивал на европскиот филм „Синедејс“ кој ќе се одржува од денеска до 22 ноември, со проекции во кината Милениум, Фросина, Кинотека и Џебното кино во Младинскиот културен центар.
Во двете натпреварувачки програми – официјалната и „Синебалкан“ ќе има 15 филмови избрани од селекторот Бернд Будер, а за наградите ќе одлучуваат две меѓународни жирија.
Фестивалот вечер ќе биде отворен со филмот „Споменик на Мајкл Џексон“ (копродукција на Србија, Македонија, Германија и Хрватска) по сценарио и реѓија на Дарко Лунгулов. На 22 ноември „Синедејс“ ќе биде затворен со целовечерен концерт на филмска музика во изведба на оркестарот на Македонската филхармонија.
Земја во фокусот годинава е Бразил – ќе бидат прикажани најрепрезентативни филмови од кинематографијата на таа земја. Ќе има и кратки филмови на млади и перспективни македонски режисери, програма на музички документарци, составена во соработка со загрепскиот фестивал ДОРФ, а гала-програмата и оваа година ќе донесе филмски наслови и победници од последните фестивали во Кан, Венеција, Берлин и Карлови Вари и на големи автори, како Кроненберг, браќата Дарден, Ларс вон Трир, Мишел Гондри, Ким ки Дук, Годар, Кончаловски, Вуди Ален, Вим Вендерс, Фатих Акин…
„Синедејс 2014“ ќе има и богата придружна програма. Во соработка со Агенцијата за филм на РМ ќе биде организирана петдневна регионална тренинг-работилница на EAVE (најголема меѓународна мрежа на продуценти) со светски експерти за развој на филм.
Ќе биде организирана и регионална работилница за филмска камера, финансиски поддржана од европскиот фонд Еуримаж, како и работилница за филмска критика која ќе ја одржи познатиот филмски критичар Бојд Ван Хој, а како дел од проектот Офф ДОРФ ќе има конференција на тема: „Музичките документарци во транзицискиот 21 век”.
Во соработка со македонската компанија за анимација и визуелни ефекти во филм – Fx3x ќе гостува Виржини Бурдан, светски аниматор и специјалист за визуелни ефекти, дел од најголемата светска компанија за визуелни ефекти Moving Picture Company. Ексклузивен гостин на „Синедејс“ ќе биде и режисерот на филмот „Corn Island”, Џорџ Овашвили, кој победи на фестивалот Карлови Вари.
Фестивалот финансиски го помагаат Министерството за култура, Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје. Организатор на „Синедејс“ е Младинскиот културен центар. Директорот Златко Стевковски на прес-конференција рече дека поради скромен буџет, непроменет од 2010 година, не можеле да донесат ѕвезди на фестивалот.