Почетокот на вториот дел на КРИК – Фестивал за критичка култура, синоќа во МСУ, помина во знакот на дискусијата за креативната слобода, потеклото и ранливоста на идентитетите.
– Оваа година е петтото издание на КРИК и многу ни е важно бидејќи ја допираме темата на кршливоста, смртноста, на заедницата, сето она што ни беше појдовна точка уште пред една година кога го градевме концептот, базирана врз книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, која наскоро ќе излезе од печат на македонски јазик, а имаме и уште книга што е ја подготвуваме во соработка со „Темплум“, тоа е „Трчање во место“ на Рената Салецл“, рече на отворањето Искра Гешоска.
Претставувајќи ја програмата, Артан Садику рече дека овој период на отворен прозорец е многу добар да се разговара и за нашите рефлексии и прекршување во ова забавено време што го живееме.
Најавувајќи го предавањето на професорката Шелева, Мања Величовска рече дека повеќе од кога било претходно имаме потреба да негуваме еманципаторски потенцијал и да продолжиме да ги предизвикуваме сопствените идентитети и општествените норми.
Почнувајќи го своето предавање, Елизабета Шелева истакна дека подолго време го истражува проблемот на потеклото, нешто што животно, егзистенцијално ги допира луѓето од оваа средина, од овој регион, како што е Балканот.
– Меѓутоа на сето ова што се случува ние мора да одговориме на новите ситуации, не можеме да се држиме академски во некакво сезнаење, туку мора да се носиме со она што е најтешко, она што е пулсира, со нишките на стравот, рече Шелева.
По предавањето, се одржа и концерт на групата „Кадабајас“. Вечерва во 19.30 часот, во МСУ предавање на тема „Политичкото естетско: релационост, ранливост и антагонизам“ предавање ќе одржи Славчо Димитров во разговор со Артан Садику.
– Во рамки на мојата презентација сакам да го понудам концептот на телеснувањето-во-заедничкото како ново-материјалистичка разработка на анархичноста на политичкото, односно да ја аргументирам естетската втемеленост/растемеленост на политичкото. Импликациите на ваквата имагинација и изведба на политичкото се двострани. Од една страна таа ја претпоставува радикалната ранливост, конечност, смртност и пасивност која произлегува од телесната изложеност во темелот на политичкото, а од друга страна инсистира на монструозната трансформативност, отпорност и недофатливост на телесниот пластицитет и екстензија во мноштво на екотехнологии и сингуларни релации, и следствените можности за мислење и перформирање на заедничкото битствување. Со ваквото разбирање на политичкото сакам да понудам предлог за политики на еднаква дистрибуција, можности за иновација, учество во процеси на одлучување и пролиферација на екотехнологии на телесноста, а кои не можат да бидат втемелени ниту во индивидуалистичката либерална логика, ниту во комунитарните фантазми, токму поради она што јас го нарекувам, следејќи го Нансу, телеснување-во-заедничкото, како извор на ранливост, меѓузависност, изложеност на апарати на контрола и регулација, но и на антагонистични, дисензуални колективни трансформации, пишува Димитров.
Славчо Димитров е еден од најистакнатите македонски млади интелектуалци, работи како асистент на Факултетот за правни и политички науки на ФОН Универзитетот, на предметите по Современа политичка филозофија, Историја на политички теории, Род и политика, Политика и култура и Политики на тела и емоции.
Има работено како асистент на Институтот Евро-Балкан на последипломските Родови студии и Културни студии, и на Факултетот за медиуми и комуникации – СИНГУДУНУМ, Белград, на предмети од областа на квир теоријата, културните теории, отелотворување и род, критичка теорија итн. Во изминатата декада има координирано голем број на академски проекти, летни школи, и проекти од областа на човековите права и маргинализираните заедници. Основач е на интернационалната летна школа Summer School for Sexualities, Culturesand Politics во Белград, и е еден од основачите на IPAK. Center – Research Center for Identities, Cultures and Politics in Belgrade. Славчо Димитров има курирано неколку уметнички и културни проекти, и повеќе конференции во Северна Македонија. Куратор е веќе шеста година по ред на Скопскиот викенд на гордоста, интердисциплинарен фестивал за квир уметност, култура и теорија. Димитров има објавено многу текстови во областа на културните студии, политичката филозофија,студиите на перформансот, телесноста и афектите, квир теоријата итн. во регионални и интернационални списанија и книги. Автор е на книгата Невозможни исповеди: субјективитет, моќ и етика (2014).
Целата програма на фестивалот е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата.
КРИК – Фестивал за критичка култура е платформа која ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.
Постојани партнери на Контрапункт и на КРИК се: Мултимедијалниот институт МаМа од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Booksa (Културтрегер), Загреб, порталот Окно – okno.mk
КРИК – Фестивал за критилка култура е поддржан од: Allianz kulturstiftung, Министерство за култура на Северна Република Македонија, Гете институт Скопје, Гете институт Брисел, Фондација Отворено општество.