Почна МОТ 2014

Од:

Вчеравечер, во кино салата Фросина во Младинскиот културен центар – Скопје, официјално беше отворен 39-от Интернационален театарски фестивал „Млад отворен театар 2014“. На отворањето присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

– Би сакал да ви посакам добредојде на ова 39-то издание на Младиот отворен театар, фестивал, којшто секоја година поставува нови театарски граници, фестивал којшто во своето четири децениско постоење израсна во своевиден бренд на овој град. Сакам да им честитам на сите кои се вклучени во реализацијата на овој значаен скопски културен настан. Би сакал да ги поканам граѓаните да присуствуваат на бројните театарски претстави и перформанси и да уживаат во 8-те фестивалски вечери коишто и годинава се во организација на МКЦ-Скопје, истакна градоначалникот Трајановски.

Директорот на МКЦ, Златко Стевковски, изрази големо задоволство што годинава фестивалот се отвора токму со претставата „Ла Мама, Њујорк/La MaMa, New York“ од Соединетите американски држави (USA), во решија на Елизабет Свадос, којашто е и композитор на претставата, зашто како што рече тој, ова била долгогодишна желба на организаторите, желба што конечно вечерва се исполнува.

Заменик министерот за култура на Република Македонија, Драган Недељковиќ годинешниот МОТ и официјално го прогласи за отворен.

– Би сакал да им упатам честитки на сите оние кои секоја година вградуваат еден дел од себе во овој фестивал, како и до сите оние коишто 39 години се дел од верната публика на МОТ, а сигурен сум дека и ова издание на сите нас ќе ни понуди многу творечки катарзи, рече Недељковиќ.

Програмата за овогодишниот МОТ е затворена со буџет од 6 милиони денари, 4, 5 милиони од Министерството за култура, а 1,5 милион од Град Скопје.

Викендов МОТ нуди богата програма:

САБОТА /20.09.2014/

20.00 часот МКЦ
Алексис. грчка трагедија на Мотус од Италија. Проектот Сирма Антигони, започнат во 2008-ма година, произлегува од идејата за анализирање на врската/конфликтот помеѓу генерациите преку земање на трагичната фигура на Антигона како архетип за борба и отпор.
Мотус е трупа формирана во 1991-ва година од страна на Енрико Казагранде и Даниела Николо во Римини. Замислена како лабораторија и отворена за најразлични уметнички содејства, Мотус ги истражува креативните интеракции кај различните форми на изразување.

20.00 часот Драмски театар, мала сцена
The Beautiful на Петар Милошевски. The Beautiful е морничава, исклучително визуелна, физичка, постдрамска и постбрехтовска претстава. Таа се занимава со модерното разбирање на убавината на метафоричен и симболичен начин. Што се крие зад потребата на човекот да се трансформира себеси за да стане поубав? Кои тајни, фрустрации и стравови стојат зад сето тоа? Како симфонија од зборови, физички движења, музика и светло, The Beautiful ја раскажува личната приказна на ликот, кој, заробен во сопствениот свет, се обидува да стане поубав без да го знае вистинскиот ефект од неговите постапки: физичкото и моралното распаѓање

Петар Милошевски е актер, изведувач и режисер со седиште во Лондон, кој е на сцената од осумгодишна возраст. Роден е во Македонија, со формално образование по актерска игра се стекнал на Националната академија за театар и филм во Софија, а потоа се преселил во Лондон, каде што магистрирал на Кралската школа за говор и драма. Во последниве години, работата на Петар е фокусирана на создавање на индивидуални проекти. Тој самиот ги смислува текстовите, звукот, светлото, сценографијата, и неговите претстави се значајни поради иновативното комбинирање на говорот и физичкиот театар.
По 22.00 часот, во МКЦ концерт ќе одржи белградската група Stray Dogg која за првпат доаѓа во Македонија. Бендот кој постои три години веќе има одржано над стотина концерти и е препознатлив по интерактивноста со публиката и умешноста да играат со атмосферата и стиховите.

НЕДЕЛА /21.09.2014/

18:00 Автобус на ЈСП, поаѓање – автобуска станица: Симпо
„КОНТРОЛА“ на Теа Беговска. Патници со своја приказна и свој проблем. Едни со билет, други без билет. Затекнати од контролата со која се обидуваат да се соочат или да не се соочат. Овој перформанс зборува за контролата воопшто. Колку знаеме да се исконтролираме во дадени ситуации, да не заплачеме или да не се насмееме? Колку успеваме да се контролираме самите себе во системот што е контролиран сам по себе? Ако слободата и контролата се двете крајности на една личност, тогаш што е средината? Перформансот е всушност вистинско возење со автобус во кој се случуваат вистински случки и каде што публиката е лик (причинител, а воедно и сведок на една вечна тема – контролата).

19:00 МКЦ
ЈАС СУМ… перформанс на танчери од насоката за модерен и џез балет ДМБУЦ, Илија Николовски Луј, Скопје
20:00 Театар за деца и младинци
„Нашиот клас“ на режисерот Владимир Милчин. Група ученици, Евреи и католици, ги откриваат своите амбиции: еден сака да биде пожарникар, друг филмска ѕвезда, еден пилот, друг лекар. Ја учат азбуката. Полска, 1925-та. Како што растат децата, нивната земја ја распарчуваат странски војски, прво советската, а потоа нацистичката. Додека национализмот незапирливо се шири, внатрешните неправди се продлабочуваат; пријателите се предаваат едни со други; насилството ескалира. Нашиот клас, кој Слобоѓанек го објавува во 2009-та година, е потресна приказна за комплицираните полско-еврејски односи во 20-от век, за колективниот срам, за вистината што никому не му е потребна и за историјата на која не може да ѝ се суди, не може да се реконструира, ниту, пак, може да се објасни.

21:00 Сцена Зебра
О(ТЕЛО) на Скопје танцов театар и кореографот Рисима Рисимкин. Како што вели самата Рисимкин – најновата премиера на Скопје танцов театар се занимава со формата, телото и енергијата. Го истражуваме односот, за да дојдеме до суштината. И добро се забавуваме. Бидејќи имаме нешто што сакаме да го кажеме. За нас. За вас.

Подетални информации за програмата на www.mot.com.mk

Би можело да ве интересира

Француско-руска вечер со пијано и виолончело на „Охридско лето“, Ал Ди Меола на Антички

Емир Латифовиќ

Поради невреме во Охрид, концертот на Сандовал презакажан за вечер

Емир Латифовиќ

Меѓународен фестивал „Фолклорен Мост“ во Струга

Емир Латифовиќ

„Where Jazz Meets Clasical“ – концерт на „Скопско лето“

Емир Латифовиќ

„Три дена во септември“ доби награда за најдобра музика на фестивалот SEE a Paris

Предраг Петровиќ

Mакедонската култура на Фестивал на франкофонијата во Созопол

А1он