Почна 46. Семинар за македонски јазик, литература и култура

Од:

Зборовите изговорени на јазик што човекот го разбира, допираат до неговиот ум. Зборовите изговорени на неговиот мајчин јазик, допираат до неговото срце. Нашите срца се преполни со радост кога слушаме како зборувате македонски, а за тоа има добра причина. Македонскиот јазик е срцето на Македонија, истакна претедателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на отворањето на 46. летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Во јазикот, додаде, се познава минатото, сегашноста и иднината на еден народ, а преку него гледаме какво е неговото историско искуство, каде се наоѓа и кон каде се стреми.

Пренесувајќи ги зборовите на Петре М. Андреевски „Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да с едопре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништо таа трева“, и фактот дека македонскиот јазик денес го зборуваат неколку милиони Македонци во и надвор од Македонија, шефот на државата подвлече дека иднината е обезбедена и сигурна.

– Но, токму преку вас славистите од целиот свет, македонскиот јазик, како и македонската култура и литература, се здобиваат со најдобрите амбасадори на светските меридијани, рече Иванов.

Проректорот на УКИМ Мери Цветковска од учесниците на семинарот очекува да бидат амбасадори на Македонија и македонскиот јазик во светот.

– Изучувањето на македонскиот јазик е значајно бидејќи со него ја изучувате и нашата литература, богата култура и историја. Го изучувате јазикот на народот чии корени се длабоко во светската цивилизација, нагласи Цветковска.

Хуго Матејко, македонист од Словачка рече дека искуства од школата, но и од убавините на Македонија и македонската култура им ги пренесува на своите колеги и пријатели. Во словачка, тој информира дека македонски јазик изучува група од десетина студенти.

На 46. Летна школа учествуваат 90-тина учесници од 23 земји од светот. Семинарот чиј покровител е претседателот Иванов, е во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, а неговата цел е изучување и афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во светот.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање