Почина Тадеуш Ружевич, добитник на „Златниот венец“ на СВП за 1987

Од:

На 93 години вчера во Вроцлав почина Тадеуш Ружевич, еден од најголемите современи полски поети, добитник на бројни меѓународни книжевни награди, меѓу кои и на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1987 година.

Тадеуш Ружевич е роден на 9 септември 1921 година во Радомско, во близината на Лоѓ. Студирал историја на уметноста на Јагјелоснкиот универзитет во Краков. Војната и окупацијата на Полска од страна на Германија го прекинуваат книжевното творештво на младиот Ружевич, кој своите први песни ги објавува во книжевните списанија уште во 1938 година. Неговата прва збирка песни „Немир“ излегува во 1947 година.

– Тој е еден од првите поети кој прави драстични промени во поетскиот израз, отфрлувајќи го романтичниот орнаментализам и употребата на поезијата како катарзичен медиум. Неговата поезија е полна со иронија и со карактеристичниот црн хумор. Иако е мошне циничен, сепак, тој го постигнува највисокиот дострел во таканаречената антипоезија во современото поетско творештво на Полска, се вели во соопштението од Струшки вечери на поезијата.

Позначајни книги поезија на Ружевич се „Црвената ракавица“ (1948), „Времето што поминува“ (1951), „Рамница“ (1951), „Сребрениот клас“ (1955), „Собрани песни“, „Форми“, „Разговор со кнезот“ (1960), „Зелената роза“, „Лице“ (1964), „Третото лице“ (1968), „Собрани песни“ (1976) и други.

Ружевич беше и еден од најголемите драмски писатели и еден од клучните претставници на полскиот „театар на апсурдот“. Напишал 12 драми, од кои најпознати се „Картотека“ (1958), „Старицата седи чекајќи“ (1969) и „Стапица“ (1982).

– Неговите книжевни вредности и остварувања, за кои е овенчан и со највисокото светско признание за поетско творештво „Златниот венец“, остануваат да бидат трајно зачувани во светската поетска ризница преку бројните преводи, меѓу кои и на македонски јазик, нагласуваат од Струшки вечери на поезијата.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот