Почина поетот и театарски критичар Љубомир Груевски

Од:

Поетот и театарски критичар Љубомир Груевски почина синоќа во Битола, каде што денеска ќе биде погребан.

Роден е 1949 година во Гевгелија, а се школувал во Битола и во Штип. Студирал на Филолошкиот факултет во Белград и Филозофскиот факултет во Скопје, каде што дипломирал во 1971 година. Работел како уредник во издавачки куќи, а бил и директор на античкиот локалитет Хераклеја Линкестис и на Народниот театар во Битола. Ги основал издавачките куќи „Мисирков“ и „Артерос“.

Со литературата започнал да се занимава уште во школските и студентските денови, објавувајќи песни, раскази и театарски осврти во „Млад борец“, „Студентски збор“, „Народен глас“ и други. Бил уредник на битолското списание за литература и култура „Развиток“, а подоцна го покренал и списанието „ЗА“. Во 2001 година ја основал невладината организација „Творечка асоцијација“, а од 2006 година е вклучен во меѓународната поетска манифестација „Хераклејски поетски свечености“. Застапен е во енциклопедија „Британика“ на македонски јазик.

Објавени дела му се „Гемии“ (поезија, 1980), „Огнена земја“ (поезија, 1983), „Опсаден град“ (поезија, 1991), „Островот и другите легенди“ (поезија, 1999), „Magna Charta“ (поезија, 2003), „Театар, филм, стих“ (критики и есеи, 2005), „Слики и сенки“ (поезија, 2008), „Музеј под Пелистер“ (поезија, 2011). Неговата поезија е преведувана на англиски, руски, бугарски, украински, српски, хрватски, словенечки, полски и други словенски и светски јазици.

Добитник е на меѓународни поетски награди како што се прва награда на „Ратковиќеви вечери на поезијата“ во Црна Гора и втора награда на „Мелнички вечери на поезијата“ во Бугарија. Во 2006 година ја добива наградата „4 ноември“ од Градот Битола, а добитник е и на првата и на втората награда на „Празник на липите“, како и на втората награда на „Гоцеви денови“ (1998). На изборот на „Битолски весник“ за 2009 година е прогласен за најуспешен битолчанец во областа на литературата.

Покрај своите авторски книги, Груевски е потписник на преводот на делата „Симболизмот“ на Андреј Бели (1997, руски), приредувач на антологијата „Љубовни пеења“ (поезија, 1996) и „Книга на мудроста“ (флорилегиум на сентенци, 2002).

Би можело да ве интересира

Македонска поезиjа за деца во руското списание „Иностранаjа литература“

А1он

Промоција на збирката „Одглас“

Во Словенија е објавена и промовирана двојазична антологија на млади македонски поети

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“