Почина Лепша Пиперковска – основоположник на македонската пијанистичка педагогија

Од:

Денеска во својата 83 година почина Лепша Пиперковска, основоположникот на македонската пијанистичка педагогија. Посмртните останки ќе бидат изложени утре 21 февруари (недела) во капелата на Градските гробишта Бутел, а погребот ќе биде во 13 часот.

Факултетот за музичка уметност од Скопје ќе одржи комеморативна седница на 22 февруари (понеделник) во Концертната сала на ФМУ со почеток во 11 часот.

Во рамките на страницата на Архивот Бужаровски денес е поставена и радио емисијата која Трена Јорданоска ја сними со Лепша Пиперковска на 2 ноември 2006 година.

Лепша Пиперковска е родена на 1 ноември 1932 година, во Скопје. Првиот јавен настап на пијано го има на осумгодишна возраст. Со објективот на фотографот Благоја Дрнков, еден од малкуте визуелни хроничари на настаните во повоениот период, е документиран настапот на Лепша Бојаџиева на еден од завршните годишни концерти на класата по пијано на Нада Органџиева во салата на Средната музичка школа во Скопје. Во 1951 година станува дел од генерацијата македонски музичари кои своето академско образование го изведуваат во еден од главните музички центри на тогашната југословенска музичка култура – Музичката академија во Загреб во класата на проф. Надежда Матовиновиќ. Во 1954 година започнува да предава пијано во Нижата и Средната музичка школа во Скопје. Истовремено таа станува корепетитор на останатите класи, а продолжува и со својата изведувачка дејност и учествува во емисии во живо на програмата на Радио Скопје.

Во 1956 година Лепша Бојаџиева стапува во брак со познатиот доктор гинеколог Христо Пиперковски. Во овој период таа ги завршува и двогодишните студии за наставници за општо музичко образование на Вишата педагошка школа во Скопје, а во 1959 година таа ќе биде назначена за хонорарен предавач по пијано на Вишата педагошка школа во Скопје. Во 1965 година дипломира и во Музичката академија во Белград во класата по пијано на проф. Станка Врињанин.

Првите ученици од класата по пијано на Лепша Пиперковска кои постигнуваат значајни резултати се пијанистките Стела Слејанска и Султана Марковска, подоцна и Евушка Трпкова (Елезовиќ), Валери Стефановски и Димитрије Бужаровски. Истакнатите педагошки резултати придонесуваат Лепша Пиперковска да биде избрана за наставник по пијано во првиот наставнички колегиум на новоформираната Висока музичка школа во Скопје во 1966 година која подоцна (1978/1979 година) e преименувана во Факултет за музичка уметност, каде ќе работи се до пензионирањето.

По повод нејзиниот прв реизбор за наставник по пијано и методика на наставата по пијано, пијанистот и професор по пијано Ладислав Палфи, ќе напише:

„…Лепша Пиперковска постави своевиден рекорд во Македонија на полето на концертната активност преку својата класа. Посебно ги издвојувам целовечерните концерти на нејзините ученици уште за време на трета и четврта година во Средно музичко училиште, со концертни настапи кои одговараат на програмата на дипломските испити на Музичките академии, односно Високите музички школи. Зачудувачки е бројот на таквите концерти, како и концертите на нејзините ученици со оркестар… пет ученици од нејзината класа настапиле со концерти за пијано и оркестар во придружба на Скопската филхармонија, четворица од нив изведоа четири различни концерти – од две различни стилски епохи. Ова е секако линија на најголем отпор… Доследна на својата традиција на исклучителна концертна активност преку својата класа – Лепша Пиперковска во својство на педагог на Високата музичка школа, прва помеѓу наставниците по пијано, и воопшто прва на оваа институција доведе свој студент до целовечерен концерт (солистичкиот концерт на Димитрије Бужаровски во Скопје и Битола и тоа со репертоар кој не е идентичен со програмата на годишните испити)…“

Македонскиот композитор и долгогодишен професор на Факултетот за музичка уметност Властимир Николовски уметничко-педагошкиот профил на Лепша Пиперковска го осветлува на овој начин:

„…Факт е дека од 15-те студенти на отсекот по пијано на Високата музичка школа, 9 студенти се нејзини поранешни ученици. Тоа се резултати кои ретко кој наш педагог во Македонија би можел да ги има во својата педагошка актива…“

Во 1975 година заедно со професорката по пијано Наталија Конева го издаваат првиот македонски учебник од областа на пијанистичката педагогија Школа за пијано за студентите на Вишата педагошка школа. Покрај наставата по главен предмет пијано и наставата по методика на пијано и теорија и историја на пијанистичката литература на ФМУ, Лепша Пиперковска предава пијано и на голем број студенти од одделот за музичка теорија и педагогија. Повеќето од нејзините студенти образувани во овој период денес се стожери на средните музички училишта и факултетите за музичка уметност низ Македонија. Во нејзината класа по пијано биле: Евушка Трпкова-Елезовиќ, Стела Слејанска, Валери Стефановски, Султана Марковска, Димитрије Бужаровски, Лепа Христова-Мрмевска, Јелица Митревска, Драги Апостолов, Катерина Гајдова, Маргарита Јосифовска-Татарчевска, Нешка Шаламанова, Валентина Гушевска-Нолчева итн. Во нејзината класа по методика на музичка настава магистрирале Милица Шкариќ и Слаѓана Јовановиќ.

Лепша Пиперковска е автор на 8 учебници за наставата по пијано наменети за основното музичко училиште, средното музичко образование по предметот пијано-облигат и предметот пијано на Педагошкиот факултет во Скопје. Таа воедно е автор на повеќе стручни трудови од областа на пијанистичката педагогија, теорија и практика. Професор Станка Врињанин за овие трудови пишува: „Школа за пијано, Клавишно жичани инструменти како и Развој на пијанистичката педагогија се плодови на големата ерудиција, како и на аналитичкиот дух, кој не може да се задоволи со шаблони, туку ги бара најдобрите патишта и решенија во современите достигнувања на пијанистичко-педагошката теорија и практика.“

Покрај претставувањето на бројните семинари во музичките училишта во Република Македонија учебниците по пијано на Лепша Пиперковска се претставени и на музичките установи низ Европа. Забележано е нејзиното учество со предавања и работилници на меѓународниот семинар на Европската асоцијација на педагозите по пијано кој се одржал во Бехиње, Чешка во 1997 година, a воо 1998 година, одржува предавање по покана на стручниот совет за музичка педагогија на Високата школа за музика и театар во Хамбург.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Почина американскиот водител на ток-шоу Џери Спрингер

Ана Ололовска

Почина специјалист ортопед Иван Рамбабов

Ана Ололовска

Почина Рјуичи Сакамото, познат јапонски композитор и продуцент

Ана Ололовска

Комеморација за Димче Мешковски во Драмски

Ана Ололовска

Почина македонскиот актер Димче Мешковски

Горан Наумовски

Почина др. Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники

Горан Наумовски