Во најновиот број на меѓународното електронското списание „Књижевна сехара“ со редакција лоциранa во Сараево, со две објави како гостин на најновиот број е претставен македонскиот прозен и дамски автор Томислав Османли. Имено во рубриката „Роман“ заедно со биографијата на македонскиот автор кој со своите уметнички објави е се’ поприсутен во медиумите во регионот и пошироко, објавен е превод на босански јазик на дел од наградениот роман „Дваесет и првиот“ (книга на фантазми).
Во наредната рубрика „Расказ“ публикувана е прозната фантазија со теми од светското стип-творештвото, насловена „Океан од слики“. Првата објава на оваа нова проза на македонскиот писател во избор и превод на Билјана Билјановска беше објавен на италијански јазик, во е-списанието „BombaGiu“ .
Осмилен како авантуристички текст, расказот на Османли којшто е, инаку, неодамна напишан, е своевидна радосна ода на светот на фантастичните слики и приказни, а со тоа и пофалба на вербо-визуелниот наративен океан на Деветтата уметност, поточно на творештвото на стрипот, особено низ две парадигматични стрип творби: „Малиот Немо во земјата на соништата“ на Виндзор МекКеј од раната фаза на деветтат уметност; и „Корто Малтезе“ митскиот јунак на поновото стрип-творештво, создаден од стрип авторот Хуго Прат… Инаку авторот на оваа прозна фантазија, освен како истакнат прозаист, во пошироката средина е познат и како авторот на првата и се’ уште единствена македонска теоретска книга за медиумот и уметноста на стрипот („Стрип, запис со човечки лик“, 1987 и 2002) за која во земјава стана лауреат на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за публицистика, а во регионот книга на признанието југословенска Книга на годината според изборот на сараевското списание „Наши дани“.
„Књижевна сехара“ го носи поднасловот „Списание за литературата на Балканот“ иако донесува и текстови од пошироките книжевни простори. Списанието кое се појавува шест години, го уредува писателката и поранешна професорка на сараевскиот универзитет Јасна Шамиќ, романистка и ориенталистка која од 1992 година живее и работи во Париз. „Списанието е“, како што стои во неговиот кус воведен програмски текст, „отворено за сите љубители на убавиот збор и за сите талентирани и демократски расположени автори на коишто љубовта спрема литературата им е над сите други вредности. Наша основна цел е борбата за слободата на убавото!“. Најновиот број на „Književna sehara“ објавува повеќе ткестови на познати и истакнати автори како од поранешните ју-пропстори, така и од странство.
Одломката од романот „Дваесет и првиот“ на хрватски јазик ја преведе уредничката на списанието Јасна Шамиќ, додека расказот „Океан од слики“ авторот Томислав Османли изворно го напиша на српкохрватски, како што е и објавен во електронското списание за литературата на Балканот.