Во Музејот на македонската борба вечерва ќе се одржи пијано-рецитал на д-р Марија Ѓошевска, редовен професор на Факултетот за музичка уметност.
На рециталот, кој е увертира пред нејзиниот концерт на Фестивалот „Охридско Лето“ в недела во црквата „Св. Софија“ во Охрид, Ѓошевска ќе ги изведе делата на Фредерик Шопен – Валцер опус 18 Ес-дур, Валцери опус 34 брпј 1, 2, 3, Ноктурно опус 15 број 2 Фис-дур и Ноктурно опус 37 број 2 Ге-дур, потоа Соната од Томе Манчев и Благородни и сентиментални валцери од Морис Равел.
Марија Ѓошевска е еден од најистакнатите пијанисти во земјава. Музичкото образование го започнува во основното музичко училиште „Владимир Арсовски” во Неготино во класата на професор Камелија Кулакова. Средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ “Илија Николовски Луј” во класата на професор Снежана Анастасова Чадиковска (1998), дипломира (2002), магистрира (2004) и докторира (2009) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог професор Борис Романов. Во рамките на докторатот под менторство на проф. д-р Томе Манчев успешно го брани научниот труд на тема „Аспекти на влијание на хармонијата врз репродуктивниот процес погледнато низ призмата на делото Соната за пијано D – 960 од Франц Шуберт“.
Ѓошевска е добитник на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари од кои се издвојуваат првите награди на републичките натпревари по пијано во 1992, 1995 и 1998 година, финалист на меѓународниете натпревари по пијано во чешкиот град Усти над Лабен (1995) и на италијанскиот Сенегалија (1996), трета награда на меѓународниот натпревар „Никола Рубинштајн“ во Париз во 1997 година и први награди на натпреварите за полифонија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 1999, 2000 и 2001 година.
Како солист и камерен музичар, Ѓошевска настапува на повеќе реномирани меѓународни фестивали, како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Интерфест“ – Битола, „Хераклејски вечери“ – Битола, но и во повеќе земји низ Европа и светот, меѓу кои и во САД, Велика Британија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија и Турција.
Во земјава нејзини рецитали редовно организира КИЦ (Културно Информативен Центар).
Ѓошевска настапува како солист со Македонската филхармонија, а значајни се и концертите со Дубровачкиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на Меѓународниот фестивал “Охридско лето”, соработувајќи со повеќе диригенти, меѓу кои и Кристоф Кампестрини, Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар и Борјан Цанев.
Репертоарот на Марија Ѓошевска опфаќа голем број дела од барок до современа музика. Созревањето на Марија Ѓошевска во музичар со врвни перформанси се отчитува и во нејзините чести ангажмани како камерен музичар и пијано – соработник со истакнати инструменталисти.
Hа покана од Државното музичко училиште во Битола, Ѓошевска во периодот 2010-2011 учествува на европскиот проект „Пијано – рефлексија на европската култура“ со концерти во пет земји – Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Македонија. Во 2011 одржува целовечерен рецитал на фестивалот „Пијано плаж фестивал“ во Уистерхан во Франција. Во 2016 година Ѓошевска ја добива престижната награда „Виртуози“ за најдобар музички изведувач во Република Македонија, а во 2018 ја добива наградата „Златна лира“ од Сојузот на музички уметници на Македонија за врвни уметнички достигнувања.
Марија Ѓошевска е редовен професор на катедрата по пијано и раководител на трет циклус – докторски студии на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, член на Сојузот на музички уметници на Република Македонија и член на Сојузот на музички педагози на Република Македонија.