Во изложбениот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва пијано рецитал ќе одржи шеснаесетгодишниот пијанист Арда Мустафаоглу кој за првпат ќе се претстави пред прилепската публика.
Концертот е во рамки на манифестацијата „Нов културен бран“, а на програмата се дела од класичната музика.
Мустафаоглу е добитник на многу награди на интернационални натпревари во Белгија, Турција, Италија, Германија, Бугарија, Србија, Албанија, Македнија, Грција, како и на интернет натпревари. Иако има само шеснаесет години, досега има настапувано во Ахен, Бон, Дурен, Хамелбург, Касел во Германија, Мантова и Венеција во Италија, Анталија и Истанбул во Турција, во Атина во Грција, Модане и Париз во Франција, во Перник и Софија во Бугарија, Сремска Митровица и Врање во Србија, како и во Скопје, Штип и во Велес.