Во Кинотека во Скопје вечер во 19 часот ќе биде отворено петтото издание на Меѓународниот филмски фестивал за духовни, хумани и културни вредности „Богородичен покров”.
Во тек на фестивалот што ќе трае до 24 следниот месец ќе бидат прикажани 10 филмови на оваа тематика од Русија, Чешка, Унгарија, Романија и Франција. Ова е единствен фестивал со ваков жанр на филмови и има цел да придонесе за воздигнување на човечките, духовните и семејни вредности во општеството, соопшти организаторот на фестивалот Топ Ворлд – независна ТВ продукција од Скопје.
На отворањето на фестивалот во име на почесниот претседател проф.д-р Јован Таковски, ќе се обрати протојерej-ставрофор, деканот на Богословски факултет Св. Климент Охридски Ѓоко Ѓорѓевски кој ќе ги додели и дипломите за духовни и хумани вредности на покровителите и гостите. Во културната програма ќе настапат дел од групата Синтезис и вокален ансамбл Мелизма.
Основачи на фестивалот се покојниот Коле Јовановски, ТВ монтажер и режисер од МТВ, автор на илјадници ТВ програми, најголем број дела за историјата на Македонија и МПЦ-ОА и Зорица Костовска, ТВ и филмски продуцент и теолог. Членови на Програмскот совет се Драги Таневски – директор на фотографија, Владимир Ангелов-филмолог, проф. Антонио Митриќески-режисер, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски и Зорица Костовска, директор на фестивалот.
Влезот на сите проекции е слободен.