Најмладите денеска од 12 часот може да ја гледаат балетската претстава „Петар Пан“ во Националната опера и балет или да го посетат концертот „Штурецот и мравката“ во соседната Филхармонија.
Петар Пан е палаво момче кое може да лета и магично одбива да расте. Го поминува своето бескрајно детство во авантури на малиот остров Недојдија. Лидер е на неговата банда „Изгубените момчиња“, заедно со сирени, Индијанци, самовили и пирати… и повремено среќава необични деца од надворешниот свет.
Кореограф на популарната балетска претстава е Џејмс Амар од Франција. Ќе настапат балетски солисти и ансамблот на НОБ.
Напладне ќе почне и „Штурецот и мравката“ – уште еден премиерен концерт за деца кој Филхармонијата го реализира во соработка со НЛБ.
На програмата се дела од Монти, Пахелбел, Штраус, Бернштајн, Сен-Санс, Елгар, Моцарт… Диригент е Елена Митревска, а аниматор е актерот Мартин Јорданоски.