„Пет става во дур“ е насловот на претстојниот концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи в четврток, на 28 февруари, во 20 часот. На последниот концерт на Македонската филхармонија овој месец како солист ќе настапи Андреј Гугнин, еден од најдобрите руски пијанисти од новата генерација музички уметници.
Повеќенаградуваниот Гугнин, кој критиката ќе го нарече пијанист со брилијантна техника, музичка сензитивност и драматична интерпретација, за македонската публика ќе го изведе елегичниот Концерт за пијано и оркестар бр. во 2 A-dur од унгарскиот композитор Франц Лист.
Диригент на концертот е врвниот маестро Даниел Рајскин од Русија, а оваа вечер ќе бидат изведени, за првпат во Македонија, „Марошек танците“ од Золтан Кодај, како и Третата симфонија од Петар Илич Чајковски насловена „Полска“, која е единствената симфонија на Чајковски со пет наместо вообичаените четири става, од каде доаѓа и насловот на концертот „Пет става во дур“.
Андреј Гугнин се смета за еден од најдобрите руски пијанисти од новата генерација музички уметници, кој студиите ги завршил на Државниот конзерваториум во Москва, а продолжил на Интернационалната пијано академија на езерото Комо во Италија. Во 2013 година Гугнин ја освоил втората награда на Меѓународниот натпревар по пијано „Лудвиг ван Бетовен“ во Виена, а веќе следната година и Златен медал и награда од публиката на Интернационалниот натпревар „Гина Бахуер“, како и прва награда на Меѓународниот натпревар во Сиднеј (2016) со признанија за најдобар концерт, најдобар концерт со дела од 19 и 20 век, најдобра соната за виолина и пијано. По освоените награди, Гугнин добил покана да настапи со Маринскиот оркестар и Лондонската филхармонија заедно со славниот маестро Валери Гергиев, кога почнува рапидно да расте неговата кариера како концертен пијанист. Снима за издавачката куќа „Иксперион“, но реализирал снимки и за други издавачки куќи на кои се сместени пијано-концерти од Шостакович заедно со Државниот академски камерен оркестар на Русија, на пример, музика за пијано дуо заедно со Вадим Колоденко, рецитални програми…
Дел од снимката од концертите на Шостакович беше искористена и на саундтракот на оскаровецот „Мост на шпионите“ на Спилберг. Гугнин е разновиден пијанист во однос на програмскиот избор, и тоа го води да настапува, освен како концертен пијанист, и како камерен музичар соработувајќи со други врвни музички имиња низ светот во престижни концертни сали како што се „Музиквереин“ во Виена, „Карнеги хол“ во Њујорк, во Сиднејската опера, „Чајковски“ во Москва, театарот „Марински“ во „Лувр“ во Париз… а често е канет да одржува и мастер-класи во Русија, САД, Финска, Австралија, Хрватска, Јапонија. Умешноста и виртуозноста што ги покажал овој пијанист на неговиот рецитал во Окајама Сити во Јапонија биле мотивација за организаторите да организираат Фестивал на камерна музика под наслов „Гугнин и пријателите“ (2017). Андреј Гугнин го опишуваат како пијанист со брилијантна техника, музичка сензитивност и драматична интерпретација. Го паметиме неговиот настап во 2012 година на фестивалот „Охридско лето“ заедно со Македонската филхармонија. Следуваат негови настапи во Европа, Азија и во Австралија.
Маестро Даниел Рајскин (1970), син на познат музиколог, пораснал во Санкт Петербург каде што музиката одиграла важна улога во неговиот живот. Во музичко училиште се запишал на шест години, а студирал виола и диригирање во славниот конзерваториум во родниот град. Неговиот учител Лев Савич го инспирира да навлезе во светот на диригирањето, а потоа Рајскин се усовршува со влијателни имиња како што се Милан Хорват, Марис Јансонс или Нееме Јарви. На 20 години ја напушта Русија продолжувајќи да студира во Амстердам и во Фрајбург, за многу бргу да стане еден од најбараните виолисти во Европа, како солист, но и како камерен музичар. Познат е како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката, кои ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што ја поттикнува кај изведувачите. Од 2005 година, Рајскин станува шеф-диригент на Рајнската филхармонија, а од 2008 година на филхармонијата „Артур Рубинштајн“ во полскиот град Лоѓ.
Неговите ангажмани како гостин-диригент се многубројни, патувајќи низ Европа и Азија, вклучувајќи ги и Белградската филхармонија, Естонскиот национален оркестар, Хонг Конг синфониета, Националниот оркестар во Латвија, оркестарот „Моцартеум“ во Салцбург, филхармониите на Копенхаген, на Прага, оркестарот на Радио-телевизијата во Даблин, Радиосимфонискиот оркестар на Чешка, Загрепската филхармонија, симфониските оркестри на Виена, на Берлин итн. Познати се неговите ангажмани и како диригент на опери, вклучувајќи ги и редовните настапи со „Кармен“ за холандската компанија „Opera Zuid“ во режија на Каликсто Биеито (2006/2007) или „Нос“ од Шостакович во Државниот театар во Кобленц (2010). Рајскин соработува со врвни уметнички имиња какви што се Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот.