Издавачот „Блесок“ го објави романот „Песочен часовник“ на Данило Киш, како четириесетти наслов во едицијата с.р. (современ роман / своерачно), а и како електронска книга. Објавен е со поддршка на Програмата за култура на ЕУ, во превод од српски на Катица Гароска-Ацевска.
– „Песочен часовник“ е роман за траумата на холокаустот, се смета за ремек-дело на Данило Киш. Во овој роман се среќаваат истите ликови и епизоди како во останатите две дела од трилогијата за еврејското семејство Сам (Бавча и пепел, Рани јадови), но овој пат фокусот е на ликот на таткото. Во шеесет и седум фрагменти поделени во поглавја чии наслови се повторуваат (Слики од патување, Белешки на еден лудак, Истражна постапка и Испитување на сведокот) евоциран е животот на Е.С. без некакво временско растојание. Неговите размислувања, сеќавања и сништа прикажани се во нивниот жив тек. „Песочен часовник“ е роман со извонредна реконструктивна сила во кој низ судбината на таткото на семејството се пресликува логорската историја на 20 век, соопшти издавачот.
Данило Киш (1935-1989) е поет, раскажувач, драмски писател и преведувач, кого Милан Кундера го нарекол величествен, а Салман Ружди го вброил меѓу десетте најголеми европски романописци. Преведуван е на многу светски јазици и добитник на многубројни меѓународни признанија и награди. За романот „Песочен часовник“, објавен во 1972 година, ја добил НИН-овата награда која неколку години подоцна ја вратил.