Две песни на поетесата Љубинка Давидовска од Кочани годинава се вклучени во второто издание на Светската антологија на поезијата, како проект што го реализира агенцијата ХХАП од Холандија.
Со тоа, првпат и македонската поезија е застапена на еден од најмасовните поетски конкурси, на кој годинава имало учесници од над стотина држави, а творештвото на Давидовска се најде меѓу триесет најдобри.
-Иако припаѓам во групата на повозрасни поети во нашата држава, среќна и горда сум што моето творештво и поетски сензибилитет се препознати во интернационални рамки. Годинава конкурсот беше на слободна тема, а јас учествувам со песните „Сенка“ и „Измама“, инспирирани од кратките и убави мигови во животот на човекот кои му даваат сила и поттик да не се откажува и да продолжи понатаму, истакна поетесата Давидовска.
Песните ќе бидат објавени во дигитален формат на македонски и англиски јазик, а за сите одбрани учесници на конкурсот ќе биде изработен и краток видеозапис за секоја творба.
Во изминатите шест децении творење Давидовска издала триесетина збирки поезија и прозни дела. Таа е и еден од основачите на литературниот клуб „Копнеж“ во состав на библиотеката „Искра“ од Кочани.