На 4. Меѓународен фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест 2014“ ќе биде прикажан 51 филм, од кои осум се наманети за детската публика. Фестивалот ќе се одржува од 4-ти до 6 декември во Кинотека на Македонија, под мотото „Ако сите светат, ти блескај“.
Филмовите што ќе бидат прикажани во трите фестивалски дена се избрани од пријавените рекордни 326 анимации од 52 земји во светот, меѓу кои најголем број од Франција, Шпанија, Германија, Полска, Италија, Бразил, како и филмови од Ирак, Иран, Индија, Јужна Кореја, Тајван, Куба, Перу… Голем дел од нив се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.
На последниот ден од фестивалот, 6 декември, ќе бидат доделени наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула, за кои ќе одлучува интернационално жири. Ќе биде доделена и Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат деца.
Филмовите ќе се прикажуваат од 20 часот. Детската програма во четврток и петок ќе ја следат деца организирани од основните училишта, а во сабота детската програма ќе почнува во 12 часот и ќе биде отворена за сите заинтересирани. Билетите за фестивалот чинат 50 денари и може да се купат на влезот на Кинотеката.
За време на фестивалот ќе бидат одржани и работилници во просториите на Кинотеката на Македонија. Целосната програма е објавена на веб-страницата на фестивалот animaxskopjefest.mk.
Првиот фестивал на анимиран филм во Македонија „Анимакс Скопје фест“ го организира продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Министерството за култура и Кинотеката на Македонија.