Поради пандемијата, која ја замре културата и го запре туризмот, минатогодишните престолнини на европската култура – хрватскиот град Риека и ирскиот Голвеј, ќе продолжат да ја носат титулата уште четири месеци. За трите града кои требаше да ја преземат во 2021 – романскиот Темишвар, грчкиот Елефсина и српскиот Нови Сад, едногодишното славење на европската култура е одложено за 2022 и 2023 година. Предлогот на Европската комисија беше усвоен од Европскиот совет и од Европарламентот.
Според ЕК, со оваа одлука за дополнителен период, до крајот на април, им се овозможува на Риека и Голвеј да ги прикажат подготвените програми кои не беа во можност да ги исполнат поради КОВИД-19, а на другите три града, со ставањето на листа на чекање, им се остава време да се надмине падот во културниот и туристичкиот сектор и да ги соберат потребните инвестиции за своите амбициозни програми.
Европската комисија соопшти дека соработува со тимовите на сите европски метрополи на културата од 2020 до 2023 година за подготовката на програмите на сегашните и претстојните европски престолнини на културата низ призма на проблемите што ги наметна пандемијата од која најмногу се погодени Риека и Голвеј.
-Тие мораа да ги одложат или откажат сите настани од март 2020 година, во неизвесност кога би можеле да ги продолжат своите програми и под кои услови. Беа спречени да ја спроведат својата „Европска престолнина на културата“ и да ги искористат своите вредни подготовки. Во Темишвар, Елефсина и Нови Сад, градовите за 2021 година, пандемијата доведе до високо ниво на несигурност во сите области на подготовка, како што се перспективите на финансирањето и идните безбедносни прописи. Згора на тоа, ограничувањата за патувања драматично ги намалија туристичките текови и можностите за европско и меѓународно партнерство, соопшти ЕК во август кога го предложи одложувањето.
Градовите кои според календарот треба да бидат престолнини на европската култура во 2022 година – Каунас во Литванија и Еш во Луксембург, како и Веспрем во Унгарија во 2023-та, според Комисијата се помалку погодени бидејќи сè уште имаат време да ги приспособат своите програми и да ги земат предвид различните идни сценарија.
Риека и Голвеј ја презедоа титулата од бугарскиот Пловдив и италијанскиот град Матера кои беа престолнини во 2019. Проектот на Риека има(ше) мото „Пристаниште на разновидноста“ и беа планирани стотици проекти меѓу 250 партнери од 40 земји. Културната програма на овој хрватски град се фокусираше на темите за водата, работата и миграцијата, зашто се поврзани со нејзиниот идентитет, но се актуелни и во светот.
Мотото на културната програма на ирскиот град Голвеј, пак, беше „Пуштете ја магијата внатре“ и вклучи локални теми за јазикот, пејзажот и миграцијата – со европска и универзална релевантност, како и славење на светската литература.
„Европска престолнинина на културата“ почна во 1985 година на иницијатива на тогашната министерка за култура на Грција Мелина Меркури. Градовите се избираат врз основа на културна програма која мора да има силна европска димензија, да го промовира учеството и активното вклучување на жителите на градот, заедниците и различните засегнати страни за да придонесе за долгорочен развој на градот и околниот регион.
Целта на иницијативата е да ги заштити и промовира разновидноста на културите во Европа, да го прошири пристапот и учеството во културата, да ги зајакне капацитетите на културниот сектор и да го подигне меѓународниот профил на градовите преку културата. Титулата е и можност за градовите да го сменат својот имиџ, да се стават на светската мапа и преку културата да промовираат одржлив туризам.