Овации и ласкави критики за Трпчески по концертите во Даблин и Лондон

Од:

Овации и ласкави критики доби пијанистот Симон Трпчески по настапите на неговата рецитална турнеја во Даблин и Лондон, соопшти КултурОп.

По мастеркласот што го одржа во ирската престолнина, за кој исто така имало голем интерес, Трпчески одржа незаборавен концерт, враќајќи се со целовечерен рецитал во рамки на престижната серија на Националната концертна сала на Даблин.

„Тој дојде, отсвири и освои“ – вака Ендрју Ларкин, критичар на „Бахтрек“, ја почнува рецензијата насловена „Вонсериска изведба на Симон Трпчески во Даблин“, продолжувајќи дека изведбата била со „беспрекорна елеганција, исполнета со длабока промисленост, а поткрепена со колосална техника, која и не можеше да стори ништо друго освен да ги одушеви присутните“.

На програмата биле помалку познати романтични дела од Брамс и Лист, а вториот дел од рециталот им бил посветен на руските композитори (Прокофјев и Мусоргски/Римски-Корсаков). Специјална посвета за одушевената публика во Даблин била изведбата на евровизиската победничка песна „Hold me now” од Џони Логан.

Рециталот во лондонски „Барбикан“ во вторникот бил најавен како настап на „пијанистот со харизма и виртуозност“. Критичарот на „Артс Деск“, Дејвид Најс во насловот го нарекува Трпчески „харизматичен камелеон“, објаснувајќи го епитетот со понуденото изведувачко богатство „лавиринтот на Брамс, блескавиот Лист и Русите кои меланхолијата ја заменуваат со лудило“.

-Истакнувајќи ја тежината на програмата што првпат ја слуша во ваква комбинација, Најс подвлекува дека „еластичноста и слободата на Трпчески Ве водат на непредвидливи патувања, дури и во делата што ги знаете“. Во својата детална рецензија тој прави и извонредна паралела со најновото ЦД на Трпчески „Сказни од Русија“, наведува КултурОп.

Мартовската концертна серија на Трпчески продолжува во Соединетите Американски Држави, Шпанија, Хрватска и повторно во Велика Британија.

Би можело да ве интересира

„Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите пред софиската публика

Трпчески и пријателите низ Балканот со МАКЕДОНИСИМО

Симон Трпчески настапи со Државниот филхармониски оркестар на Солун

Ана Ололовска

Мини-турнеја на Трпчески заедно со светскиот виолинист Максим Венгеров

Симон Трпчевски со ЦД-то за Шостакович номиниран за Меѓународните награди за класична музика

Симон Трпчески ќе ја отвори новата концертна сезона на Филхармонија