Отворена Спомен-куќа на семејството на Ататурк во Коџаџик

Од:

Во селото Коџаџик, општина Центар Жупа, денеска свечено беше пуштена во употреба Спомен-куќата  на Мустафа Кемал Ататурк, чиј татко потенувал токму од ова село. Македонскиот претседател Ѓорге Иванов на отворањето рече дека  Македонија е горда што може да се нарече роден крај на таткото на Ататурк, но и на многу други значајни дејци, како талентираниот писател и поет Јахја Кемал и дипломатот Али Фети.

– Со отворањето на овој историски објект остануваме доследни на традиционално добрата соработка со пријателска Република Турција, која се манифестира во многу области од економијата до туризмот, од надворешната политика до културата. Вервам дека Турците во Македонија, како и илјадниците иселеници во Република Турција по потекло од Македонија ќе продолжат да бидат амбасадори на пријателството и на цврстата соработка меѓу нашите два народа, порача Иванов.

Пред голем број гости и жители од оваа и соседните општини Дебар и Маврово-Ростуше, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска го нагласи значењето на објектот  во придонесот да се промовираат  идеите и заложбите на Ататурк, таткото на современа Турција,  кој е од искучително значење за турската држава и за турската заедница во Република Македонија.

– Спомен-куќата е силен аргумент во промоцијата на разбирањето преку културата, кое нашите две земји го демонстрираат и во поновата историја. Целокупниот комплекс кој се состои од спомен-куќа и роднинска куќа на семејството на Кемал Ататурк, се протега на 20.000 квадратни метри и поседува меморијално-изложбен сегмент, односно простор за трајна презентација на експонатите, како и изложбен просотр за времени поставки преку кои посетителите ќе се запознаат со животот на Кемал Ататурк. Во семејната куќа постојат соба на родителите на Ататурк и на неговите роднини, со поставени восочни фигури. Спомен-куќата е неспорлив доказ за трајното пријателство меѓу Република Македонија и Репубика Турција, рече Канческа-Милевска.

Според неа,  музејскиот комплекс автентично ја прикажува и пренесената традиција на турските семејства кои заедно со македонските, влашките, ромските, албанските и српските семејства, живееле во заедница, градејќи вистински космополитски центар во јужна Европа.

Пред присутните се обратија и македонскиот и турскиот вицепремиер, Валдимир Пешевски и Емрула Ишлер, кои посебно го нагласија огромното пријателство меѓу двата народа и соработката на двете држави.

– Вие сте лојални граѓани на Република Македонија, покрај тоа што се сонародници на Ататурк. Република Турција ќе ја даде целата поддршка во соработка со македонските власти за да се реализираат сите ваши активности, рече Ишлер. Тој искажа и благодарност за солидарноста на Македонија за рударската несреќа во Турција.

Сечењето на ленатата директно беше пренесувано во турскиот парламент каде присуствуваше и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.

Со изградбата на Спомен-куќата,  се очекува голем број  туристи и почитувачи на делото на големот Ататурк да го посетуваат Коџаџик.

Taa e изградена во соработка меѓу Министерството за култура и Турската агенција за соработка и координација – ТИКА.

Заедничкиот проект опфаќаше и конзервација и реставрација на старите постојни ѕидови во приземјето на куќата, како и изградба на пат од центарот на селото Коџаџик до Спомен-куќата.

Семејството на Мустафа Кемал Ататурк, според сознанијата на македонските и турските историчари и археолози, живеело во Коџаџик во втората половина на 19  век. Кон крајот на 19  век, таткото на Кемал, Али Риза, се иселил во Солун и се оженил со Зебеиде Ханим, која потекнувала од старо турско семејство од Лангаса, близу Солун. Таму бил роден и нивниот син Кемал Мустафа. Али Риза, воден од желбата да ја сочува врската со родната земја, го испратил синот во војното училиште во Битола.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање