Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ информира дека е отворен повик за петтата генерација на „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години кои сакаат да бидат дел од годинашната работилница за креативен документарен филм. Повикот е отворен до 1 јуни 2023, a резултатите ќе бидат објавени до 15 јуни 2023 година.
Од „МакеДокс“ ги појаснуваат начините за пријава. Заинтересираните учесници треба да се снимат со телефон, веб-камера или на друг начин и преку видеото, кое не треба да е подолго од пет минути, да одговорат на повеќе прашања. Меѓу нив се – Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?, Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите? Што би издвоил/а за себе како важно, специфично, откачено?
Видеото да се испрати на [email protected] преку WeTransfer. Може да се прикачи на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а потоа да се испрати линкот и лозинката.
Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува во следниот период: јули 2023 (пет дена во природа), август 2023 (осум дена на филмскиот фестивал „МакеДокс“), две есенско-зимски сесии по договор (пет – седум дена).
На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, ланските учесниците и пријатели на фестивалот од други земји. Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени.
Од „МакеДокс“ потсетуваат ако учесниците се малолетни, заедно со пријавите, треба да се достави и согласност од одговорен возрасен со која се одобрува учеството на работилницата.