Во просториите на „Сале д’Арми“, во престижниот изложбен простор Арсенале во Венеција, во текот на вчерашниот ден во присуство на многубројни гости и претставници на дипломатскиот кор свечено беше отворен македонскиот павиљон во рамки на 56. Венециско биенале на уметноста.
Павилјонот го отвори заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, кој истакна дека годинава на оваа престижна манифестација Република Македонија е претставена со проектот „Ние сите сме сами во ова“ на ликовните уметници Христина Ивановска и Јане Чаловски, соопшти Министерството за култура.
– Биеналето во Венеција е од големо значење за промоција на македонската култура и уметност, пред земјите учеснички од целиот свет, како и можност да се укаже на разновидноста на уметничките позиции, репрезентативните потенцијали и значењето на работата на македонските автори кои делуваат на нашата и интернационалната уметничка сцена, истакна Недељковиќ.
Куратор на изложбата, со која годинава Македонија се претставува на престижната светска манифестација е Башак Шенова од Турција, а заменик-куратор Маја Чанкуловска-Михајловска од Националната галерија на Македонија, институцијата, која е и комесар на мултидисциплинарниот ликовен проект поддржан од Министерството за култура.
Биеналето на уметноста во Венеција на кое годинава учествуваат 53 земји од светот, годинава се одржува на тема „Сите иднини на светот“. Оваа најголема светска уметничка манифестација за јавноста е отворена од утре до 22 ноември.