Отворен креативен ден на средношколци од шест скопски училишта

Од:

Во Театар „Комедија“ вечер ќе се одржи „Отворен креативен ден“ во рамки на проектот „Откриваме, градиме, заедно сме“, во кој учествуваат средношколци од шест средни скопски училишта.

Се работи за повеќегодишен проект чија цел е со користење креативни алатки да се помогне во промоција и докажување на правата на етничките заедници, правејќи ги различните етнички групи и нивните култури повидливи.

Проектот го спроведува Здружението за развивање уметност и културна соработка „Арт медиа“, а е поддржан од Град Скопје и Холандската амбасада во Скопје.

Во оваа фаза од проектот учествуваат средношколци од „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Боро Петрушевски“, „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Никола Карев“, кои посетуваа редовно работилници за театар, филм и медиумска култура, а на вечерашниот настан ќе ја презентираат досегашната  работа.

Публиката ќе има можност да погледне мултимедијална изведба на драмите „Лонг плеј“ од Горан Стефановски и „Бегалка од 80-ти“, направена по мотиви на „Бегалка“ од Васил Иљоски, како и кратки филмови и видеоанимации кои ги изработија младите од работилниците за филм и театар.

Координаторката на проектот, режисерката Наташа Поплавска, вели дека драмските текстови се избрани со цел средношколците да се запознаат со македонската битова драма и со современата македонска драматургија.

– Сметам дека со работа на драмски текстови, децата ќе можат одблиску да се запознаат и да ја осознаат сценската уметност. Оние кои ги посетуваа филмските работилници, се запознаа со основните алатки за создавање филм и изработија кратки филмчиња како вежби, додава таа.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп завршува МТФ „Војдан Чернодрински“

Награди за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот е вечна промена

Културен перформанс „Простор за разговор“ во Битола

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје